среда, јули 22, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Над 1.370 компании аплицирале за субвенции за нови вработувања

Над 1.370 компании аплицирале за субвенции за нови вработувања

29

Компаниите ќе добијат голем поттик за отворање нови работни места преку мерката „Вработување и раст на правни субјекти“, со која државата обезбедува финансиска поддршка од 160.000 до 250.000 денари за секое нововработено лице. Интересот е голем: досега 1.373 компании поднеле апликации за вработување на повеќе од 1.700 лица.

Ова беше истакнато на информативниот ден за активните мерки од Оперативниот план за вработување за 2026 година и јавниот повик од мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ во Кочани.

Пред претставниците на бизнис-секторот од Кочани и од регионот, заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, ги презентираше придобивките од мерката.

– Со мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ е предвидена поддршка за креирање нови работни места во микро, малите и средните претпријатија, социјалните претпријатија и граѓанските организации. Даваме финансиска поддршка за вработување лица, при што една компанија може да аплицира за субвенции за најмногу пет нови вработувања. Висината на поддршката варира во зависност од категоријата на лицето и изнесува од 160.000 до 250.000 денари за лице, односно од 800.000 до 1.250.000 денари за пет лица. До денеска, во центрите на Агенцијата за вработување пристигнаа апликации од 1.373 компании за вработување на повеќе од 1.700 лица – истакна Ристески.

Раководителката на Центарот за вработување во Кочани, Александра Коцева, информираше дека заклучно со 20 јули, 88 компании од регионот аплицирале за субвенционирано вработување. За споредба, во текот на целата мината година, преку оваа мерка, во кочанскиот Центар за вработување биле склучени 69 договори за субвенционирано вработување.

Градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов, ги повика компаниите да ја искористат можноста што ја нуди Владата преку Министерството за економија и труд, оценувајќи дека мерката претставува значајна поддршка за развојот на локалното стопанство и за отворањето нови работни места.

Заинтересираните правни субјекти може да добијат дополнителни информации во работните клубови на 30. центри за вработување на Агенцијата за вработување, преку контакт-центарот 02 3111 850, како и на веб-страницата на Агенцијата.

ИЗДВОЕНИ