Граѓаните и компаниите во јуни оставиле повеќе пари во банките, а истовремено зеле и повеќе кредити. Според податоците за монетарните движења, паричната маса во земјава пораснала за 1,8 % во однос на претходниот месец, најмногу поради зголемените пари на сметките и краткорочните штедења. Во споредба со истиот период лани, во оптек има речиси 10 % повеќе пари. Порастот доаѓа од поголемите заштеди на граѓаните и фирмите, како и од зголемените средства што се чуваат во банките.
Граѓаните и компаниите во јуни вкупно имале 2,1 % повеќе депозити во банките. На годишно ниво, штедењето е зголемено за 9,9 %. Најголем придонес имаат домаќинствата, односно граѓаните кои продолжуваат да ги зголемуваат своите заштеди.
Од друга страна, расте и задолжувањето. Вкупните кредити во јуни се зголемиле за 1,4 % во однос на мај, а во споредба со јуни минатата година се повисоки за 13,1 %.
Компаниите во јуни зеле повеќе кредити, а нивното задолжување на годишно ниво е зголемено за 14,2 %. Порастот, главно, се должи на поголемото користење кредити во денари, но има зголемување и кај кредитите во странска валута.
Депозитите на фирмите, исто така, пораснале. Во еден месец се зголемиле за 5,2 %, а споредено со лани се повисоки за 8 %. Најголем дел од порастот доаѓа од краткорочните заштеди во странска валута и парите што компаниите ги имаат на сметки.
Депозитите на домаќинствата во јуни се зголемиле за 0,7 %. Граѓаните најмногу ги зголемиле долгорочните заштеди и парите што ги чуваат на сметки. Во однос на минатата година, нивните депозити се повисоки за 10,5 %. Кредитите на граѓаните пораснале за 1,3 % во еден месец, а на годишно ниво за 12,1 %. Најголем дел од новото задолжување е во денари.
Најголем интерес граѓаните покажале за станбени и потрошувачки кредити. Станбените кредити во јуни пораснале за 1,6 % месечно и 16,6 % годишно, додека потрошувачките кредити се зголемиле за 1,5 % месечно и 11,8 % на годишно ниво.
Автомобилските кредити овој месец се намалиле за 0,6 %, но споредено со лани сепак имаат раст од 7,8 %. Кредитите преку кредитни картички бележат мал месечен раст, но на годишно ниво се намалени за 4 %.












