Граѓаните што скенирале фискални сметки во јули, август и во септември 2026 година, наскоро треба да го добијат повратот на ДДВ, преку апликацијата „Мој ДДВ“. Според законскиот рок, исплатата за третото тримесечје треба да се реализира најдоцна до 30 ноември, а на сметките на корисниците можат да пристигнат до максимални 2.100 денари. Од УЈП засега нема официјално потврден точен датум за почеток на исплатата, а динамиката ќе зависи од обработката на податоците и од реализацијата на налозите.

Висината на повратот не е иста за сите корисници, туку зависи од бројот и од вредноста на прифатените фискални сметки и пресметаниот ДДВ. Според важечките правила, за купени македонски добра и услуги се враќаат 20 % од пресметаниот ДДВ, додека за другите добра и услуги повратот изнесува 10 проценти. Ако сите четворица членови од едно семејство се регистрирани корисници и го достигнат максималниот износ, вкупниот квартален поврат може да достигне 8.400 денари.

Пред исплатата, корисниците треба да проверат дали имаат внесено во апликацијата точни и ажурирани банкарски податоци, особено ако ја смениле банката или трансакциската сметка. УЈП и претходно предупредуваше дека неточните податоци може да предизвикаат доцнење, иако се навремено скенирани сметките. Мерката „Мој ДДВ“ продолжува и во 2026 година и според претходните податоци, во текот на 2025 година на граѓаните им биле вратени повеќе од 3,47 милијарди денари, односно околу 56,4 милиони евра.

ИЗДВОЕНИ