Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) продолжува со спроведувањето на засилени вонредни инспекциски контроли на зелените пазари, со цел спречување на нелегалната трговија со овошје и со зеленчук и на продажбата на храна во несоодветни услови, без потекло, најчесто од препродавачи што тргуваат надвор од организираните пазарни простори.
Минатата недела, во рамките на акциите спроведени на скопскиот Зелен пазар и на пазарот во населбата Ѓорче Петров, запленети и уништени се над 5 тони небезбедна храна. Станува збор, главно, за овошје и за зеленчук што нелегално се продавале, надвор од пазарот, со што директно била загрозена безбедноста на потрошувачите, но и нарушена конкуренцијата на пазарот, на штета на примарните земјоделски производители и на легалните трговци.

Контролите се спроведуваат во координација со комуналната инспекција на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и со Државниот пазарен инспекторат, со цел спречување на нелегалната трговија и обезбедување законски услови за продажба на храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со спроведувањето на засилените контроли и во наредниот период, на различни локации во Скопје и низ државата. Целта е заштита на здравјето на потрошувачите, спречување на прометот со небезбедна храна и создавање фер услови за работа на легалните трговци и на примарните земјоделски производители.












