четврток, јуни 4, 2026
Дома МАГАЗИН Музичкиот феномен, пејачот Јаков Јозиновиќ во Скопје и Охрид ќе пее и...

Музичкиот феномен, пејачот Јаков Јозиновиќ во Скопје и Охрид ќе пее и песни од неговиот идол Тоше Проески

4437

Се труди да научи многу македонски зборови кои сака да ги кажува за време на своите концерти во Македонија.Особено му е најмило кога како Тоше ќе каже во микрофон, на македонски јазик “Сите ве сакам“!

Тамам кога помисливме дека и тој ќе биде само еден од стотина други кои се појавија на естрадната сцена, па набргу потоа исчезнаа, се уверивме дека се излажавме. И тоа во случајот на мегапопуларноста на 20-годишен хрватски пејач на забавни песни Јаков Јозиновиќ (родум во градчето Винковци).Тој за кусо време успеа да стане вистински феномен од Вардар до Триглав. Каде и да пее, а пее во големи концертни дворани и спортски сали, (последниот концерт му беше пред преполн белградски “Сава-центар“) билетите одат “како алва“. Да се чудом чудиме. Но вистината е таа. Вистина е дека Јаков стана популарен со обработка на туѓи песни, од неговите колеги-пејачи Ѓорѓе Балашевиќ, Оливер Драгојевиќ, Здравко Чолиќ, Жељко Самарџиќ….Има, само две, три свои но, и тоа е доволно да го прави во овој момент можеби и најпопуларен од сите другите.

Точно е дека и во Македонија има огромен број обожаватели, пред се тинејџерки, девојчиња кои што би се кажало “вени сечат по него“. Тоа го потврдува и распроданата спортска сала во Скопје “Јане Сандански“ со што се најавува концерт за 9-ти април. Вториот македонски концерт на Јаков ќе биде на 3-ти август во Охрид и тоа на репрезентативната сцена на “Антички театар“ на која пеат само големите ѕвезди со големите кариери. Еве сега и Јаков. И пак да се чудиме. Толку брзо со светлосна брзина да стаса и до таа охридска сцена на која не може секој да пее.

Неговиот хит „Ја волим“ (Јас сакам) има милиони прегледи на Јутјуб за рекордно кусо време. Таа популарност што ја има сега многу потсетува на популарноста која ја имаше и Здравко Чолиќ кога почна да пее во родното Сараево.                            Музичкиот старт на Јаков беше со учество во шоуто Ѕвездички, а подоцна продолжи и во “Суперталент“. Магија на својата популарност Јаков ја доживува секојдневно – на улиците и плоштадите, каде што со гитара и глас ги освојува со младешка енергија и љубезноста, срцата на случајните минувачи. Уште еден доказ дека неговата мила ѕвезда е во постојан подем. И дека за музиката границите не постојат.

– Се ова некако спонтано ми дојде. Израснав со песните на Оливер Драгојевиќ, Дино Мерлин, Мики Јевремовиќ, а песните на Здравко Чолиќ ми беа и останаа особено драги. Тоа е музиката која јас ја сакам.

Најинтересно е што Јаков на својот репертоар има и неколку песни од репертоарот на нашиот Тоше Проески. Одлично ги пее и на македонски јазик, а и македонскиот го разбира, освен што се уште не знае да комуницира на македонски. Вели дека се труди да научи многу македонски зборови кои сака да ги кажува за време на своите концерти во Македонија.Особено му е најмило кога како Тоше ќе каже во микрофон, на македонски јазик “Сите ве сакам“! Вели дека во тој момент му се причинува како да добива крилја со кои би полетал од радост, поради фантастични искрени реакции на неговите македонски фанови.

(Д.М.)

 

ИЗДВОЕНИ