Првата линија од проектот „Градски воз“ од Зелениково, преку Драчево, Кисела Вода, Аеродром, до Новата железничка станица во Скопје, долга 25 километри, ќе биде завршена во јуни, а со почетокот на учебната година во септември, ќе биде пуштена во сообраќај. Ова денеска го истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Според него, за другите две линии, тендерот ќе биде распишан оваа година, со што ќе се скрати рокот за една година, а до 2027 година комплетно ќе бидат завршени трите линии на градскиот воз

Првата линија од проектот „Градски воз“ од Зелениково, преку Драчево, Кисела Вода, Аеродром, до Новата железничка станица во Скопје, долга 25 километри, ќе биде завршена во јуни, а со почетокот на учебната година во септември, ќе биде пуштена во сообраќај.
Ова денеска го истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и со директорите на двете железнички претпријатија изврши увид во рехабилитацијата и реконструкцијата на првата линија.
Според Николоски, за другите две линии, тендерот ќе биде распишан оваа година, со што ќе се скрати рокот за една година, а до 2027 година комплетно ќе бидат завршени трите линии на градскиот воз.
Николоски истакна дека со набавката на новите автобуси, идејата е да се комбинира транспортот, така што фреквенцијата на градскиот воз ќе биде на еден час.
– Динамиката е добра. Ветивме дека ќе биде завршена првата линија до јуни и првата линија ќе биде завршена до јуни. Сакам да почнеме да ја навикнуваме јавноста дека се завршуваат проектите во предвидениот рок. И како што гледате, проектите што ги почна оваа Влада завршуваат во предвидениот рок и се движат со добра динамика, затоа што пред да започнеме, имаме еден многу сериозен процес на планирање за тоа како ќе се излезе на терен, како ќе се почне да се работи и навистина да се испорачува она што се ветува. До денес, прогресот на првата линија, која оди од Зелениково, преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром, до Новата железничка станица е 65 %, што е согласно со динамичкиот план и очекуваме да биде завршена до јуни – нагласи Николоски.
Тој објасни дека потоа ќе следува период на тестирање, по што на 1 септември, со почеток од новата учебна година, градскиот воз ќе биде ставен во функција на линијата Зелениково, Драчево, Ново Лисиче, Аеродром, Нова железничка станица.
Николски е уверен дека многу ќе помогне тоа за растоварување на сообраќајот и сообраќајниот метеж во град Скопје, а, исто така, во очекување на зимата – и за намалување на загадувањето.
– Со „Македонски железници – Транспорт“ интензивно работиме на обезбедување дополнителни гарнитури на возови, затоа што ќе се зголеми сообраќајот. А со добра соработка со ЈСП, ќе значи едно целосно растоварување на сообраќајот во градот. Ако се надоврзе на тоа и проектот БРТ, веќе мислам дека во 2029 година ќе имаме целосно нова сообраќајна инфраструктура – заклучи Николоски.
Директорот на ЈП „Железници инфраструктура“, Синиша Ивановски, истакна дека во овој момент се работи на замена на дрвените прагови, кои се заменуваат со бетонски, со цел да се достигне проектираната брзина до 90 километри на час.
– Дрвените прагови беа во очајна, незавидна состојба и затоа се заменуваат со бетонски, кои беа резерва во претпријатието, од пред една до две декади – објасни Ивановски.
Тој најави дека ќе се работи и на модернизација на патните премини.
– Во Драчево има три патни премини, летово планираме да ги замениме со нови – истакна Ивановски.
Скопскиот градоначалник, Ѓорѓиевски, истакна дека со проектот „Градски воз“, набавката на 100 нови автобуси и проектот за БРТ, значително ќе се подобри квалитетот на сообраќајниот транспорт во Скопје.
Инаку, втората делница на градскиот воз е од Миладиновци, Илинден, Маџари до главната централна железничка станица, а третата делница е од централната железничка станица, преку Скопје-Север, Ѓорче, до Волково.
(А. П.)












