Елиминацијата на Јаник Синер на Ролан Гарос е сè уште главна тема во спортските медиуми. Првиот светски рекет беше апсолутен фаворит за титулата, но доживеа неочекувана елиминација уште во раната фаза од турнирот, откако Аргентинецот Хуан Мануел Церундоло беше подобар од него.
Синер пристигна во Париз во фантастична форма и со серија од 30 последователни победи. Дејствуваше сигурно и на добар пат да стигне до уште еден триумф, но во текот на третиот сет, работите целосно се променија.
Главен проблем за Италијанецот беше екстремната жештина во француската престолнина. Температурата во моментот на одигрување на натпреварот достигна 32 степени, што е реткост за првата недела од Ролан Гарос.
Токму такво сценарио уште пред мечот најави познатиот тренер Патрик Муратоглу. Тој предупреди дека временските услови би можеле да бидат најголемата опасност за првиот светски рекет, што, на крајот, и се случи.
- Утрово објавив видео во кое реков дека има вистински противник на овој турнир. Временските услови беа сосема невообичаени, изјави Муратоглу за „ТНТ Спортс“.
Французинот посочи дека Синер е тенисер кој е особено чувствителен на висока температура и дека токму тоа може да му создаде сериозни проблеми.
- Никогаш не сме имале ваква топлина во првата недела на Ролан Гарос. Знаеме дека тој е играч кој е многу чувствителен на временските услови. Кога ги видов условите, реков дека постои реална опасност за него. Сè може да се случи на гренд слем, времето е дел од играта, додаде Муратоглу.
За Синер, ова беше болен и неочекуван крај во Париз, а воедно и прекин на неговата импресивна победничка серија. Од друга страна, Церундоло стигна до една од најголемите победи во кариерата и направи вистинска сензација на париската земја.











