Водно доби нова содржина наменета за движење, рекреација, дружење и создавање здрави навики кај сите генерации.
Од здравите стебла на паднатите дрвја по неодамнешното невреме е изграден новиот моторички парк.
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека станува збор за внимателно уреден простор со природни препреки и реквизити за развивање на рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност.
Простор во кој децата преку игра ќе ги развиваат своите моторички способности, а младите и возрасните ќе можат да вежбаат, да се рекреираат и да поминуваат повеќе квалитетно време во природа.
– Нашата обврска не е само да ја санираме направената штета, туку од секој предизвик да создадеме нешто корисно, трајно и вредно за граѓаните. Им дадовме нов живот и нова намена. Наместо отпад, создадовме нова вредност. Наместо уништени стебла, создадовме простор исполнет со движење, енергија и живот – истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави дека вакви паркови ќе добијат и Парк-шумата Гази Баба и Сарај.
Притоа, наведе дека на местата каде што биле отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници, а во втората половина на септември ќе започне голема есенска акција за пошумување на градот.
– Ова е само дел од активностите со кои му го враќаме сјајот на Водно. Го реконструиравме патот до средно Водно. Ги уредуваме патеките и ја обновуваме урбаната опрема, која со години беше оставена на забот на времето. Истовремено, на Водно и на Матка веќе функционира Планинската спасителна служба, подготвена за брзи и професионални интервенции во планински услови. Со тоа ја подигнуваме безбедноста на сите посетители и создаваме услови безгрижно да уживаат во природата – заклучи Ѓорѓиевски.












