Интензивната топлина што ја погоди Западна и Централна Европа кон крајот на јуни дополнително ги загреа околните мориња. Површината на водата е за над 5 °C потопла отколку што е вообичаено за ова време од годината, според податоците од поморската служба Коперникус.
Ако моментално одмарате на хрватскиот, црногорскиот или албанскиот брег, веројатно сте ја искусиле оваа морска топлина од прва рака: на картата на Коперникус, која е создадена за да ги прикаже температурните отстапувања за 29 јуни, Јадранското Море е една од областите обоени во црвени нијанси. Овие бои сугерираат дека температурите на морето се неколку степени повисоки од типичните.
Како што истакнува Коперникус, најголемите отстапувања – од приближно 6 °C – се забележани во западниот дел на Средоземното Море, особено во Лавскиот Залив покрај брегот на јужна Франција, како и во Лигурското и Тиренското Море долж западниот брег на Италија, објавува Klima101.
Северна Европа не е лишена од темноцрвени нијанси: водата е значително потопла и во јужните делови на Северното Море и во Балтичкото Море.












