Европската комисија (ЕК) потврди дека унгарска шпионска мрежа работела од постојаното претставништво на Унгарија во Европската Унија (ЕУ) во Брисел и се обидувала да собере информации од службеници на европски институции, според интерен документ до кој имал увид Политико.
Документот, од април оваа година, ги сумира резултатите од истрагата предводена од европскиот комесар за борба против измами, Пјотр Серафин, по обвинувањата дека унгарските разузнавачки служби се обиделе да регрутираат службеници на Европската Унија во средината на последната деценија.
Според наодите од истрагата, унгарските разузнавачки служби распоредиле неколку свои оперативци во постојаното претставништво на Унгарија во ЕУ во Брисел од 2013 до 2016 година. Нивните активности првично биле тајни, но од 2015 година станале многу поотворени.
Комисијата вели дека разузнавачките службеници го користеле дипломатскиот статус за да извршуваат активности што излегувале од опсегот на нормалните дипломатски должности. Нивната главна цел биле службеници на Европската комисија од унгарско потекло, од кои се обиделе да добијат информации за работата на Комисијата за прашања од особен интерес за унгарската влада.
Во документот се наведува дека постоењето на мрежата на крајот станало познато меѓу унгарските службеници вработени во институциите на Европската Унија, што ја намалило нејзината ефикасност, а нејзините активности, според достапните информации, биле прекинати во 2016 година.
Сепак, истрагата не пронашла докази што би овозможиле утврдување на индивидуална одговорност на некој друг освен на самите разузнавачки оперативци, ниту пак утврдила дека случајот предизвикал сериозно нарушување на безбедноста на европските институции.
Вархеји во центарот на скандалот
Во времето кога мрежата, според наодите од истрагата, била активна, унгарското постојано претставништво во Брисел го водеше Оливер Вархеји, сегашниот европски комесар за здравство и благосостојба на животните.
Откако минатата година беа објавени првите медиумски извештаи за постоењето на шпионска мрежа, Вархеји ѝ рекол на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека не е запознаен со наводните активности на унгарските разузнавачки служби. За време на сослушувањето во Европскиот парламент во јануари оваа година, тој исто така рекол дека ниту една разузнавачка служба не го контактирала ниту побарала од него да даде доверливи информации.
Европската комисија тврдеше дека, и покрај потврдата за постоење на унгарска шпионска мрежа, во овој случај не е идентификуван никаков сериозен безбедносен инцидент што би ја загрозил работата на европските институции.












