Русија во период од 18 месеци спроведувала координирана операција за надзор на европски нуклеарни и воени објекти со беспилотни летала лансирани од бродови на т.н. „сива флота“, се наведува во новиот извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS).
Според анализата, истражувачите разгледале 144 инциденти во повеќе од десет европски држави од крајот на 2024 година и заклучиле дека станува збор за координирана операција на руските разузнавачки служби, објави The Guardian.
Во извештајот се наведува дека дел од бродовите служеле како платформи за лансирање на дронови, додека други биле користени како релеи за управување или за нивно преземање по завршувањето на мисиите.
„Многу е веројатно дека Кремљ ја координирал оваа кампања со беспилотни летала низ Европа“, изјавил авторот на извештајот Чарли Едвардс. Тој оценува дека станува збор за „низа тактички успеси на Кремљ и стратешки неуспех на сојузничката одбрана“, бидејќи системите на НАТО главно се приспособени за одбрана од класични воени закани, а не од мали и евтини дронови.
Во Обединетото Кралство, кон крајот на ноември 2024 година, биле регистрирани дронови над американските воени бази RAF Lakenheath и RAF Fairford. Полициски хеликоптер се обидел да ги следи, но акцијата била прекината од безбедносни причини, додека можноста за нивно соборување со ласерски систем била разгледувана, но не и реализирана.
Франција, пак, во декември 2025 година пријавила пет дронови над базата Île Longue, каде се наоѓа најголемиот дел од францускиот нуклеарен арсенал на подморници. Слични инциденти биле регистрирани и над базите Kleine-Brogel во Белгија и Volkel во Холандија, каде се складирани американски нуклеарни бомби.
Според аналитичарите, целта на операцијата не била само собирање разузнавачки информации за нуклеарните капацитети, туку и извидување на воената логистика, транспортните правци и вршење психолошки притисок врз европските држави.
Најголем број инциденти биле забележани во септември и ноември минатата година, особено во Германија. Според извештајот, бројот на случаи почнал да се намалува дури откако европските морнарици во текот на 2026 година почнале да пресретнуваат и задржуваат бродови поврзани со руската „сива флота“.
IISS наведува дека дронови повеќепати биле забележани над воени воздухопловни бази, аеродроми и нуклеарни објекти во Велика Британија, Франција, Белгија, Холандија и други земји-членки на НАТО. Според извештајот, најверојатно тие биле лансирани од бродови на руската „сива флота“ кои пловеле во меѓународни води со исклучени системи за автоматска идентификација.












