четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мобилни патроли со камери почнаа со контрола на паркирањето во Штип

Мобилни патроли со камери почнаа со контрола на паркирањето во Штип

8176

Почна со работа мобилна патрола за контрола на паркирањето во Штип. Од  ЈП „Стипион“, соопштија дека целта е подобрување на сообраќајниот ред и зголемување на безбедноста.

Општина Штип набави две возила и камери, кои ќе утврдуваат дали возачите имаат платено или немаат платено паркинг за своето возило во централното градско подрачје.

– Патролата ќе врши редовни контроли со посебен акцент на возила без регулирана наплата, неправилно паркирани возила. Со воведувањето на мобилната патрола се зголемува ефикасноста во контролата и се намалува човечкото влијание и целосно се отфрла можноста за непостапување – потенцираат од ЈП „Стипион“. 

Тие наведуваат дека наплатата може да се изврши на повеќе начини и тоа преку мобилна апликација или веб, преку СМС-порака, на постојните терминали за наплата во „тобако“ центрите во Штип.

– Во ограничен период на приспособување ќе се издаваат опомени за дел од прекршоците, по што ќе следува целосна имплементација на системот за наплата и санкционирање на неправилното паркирање – нагласуваат од претпријатието.

Притоа, апелираат до сите граѓани да ги почитуваат правилата за паркирање и сообраќајната сигнализација.

– Со одговорно однесување придонесуваме за побезбеден, поуреден и пофункционален град за сите – заклучија од ЈП „Стипион“. 

За зголемување на бројот на местата за паркинг, Општина Штип годинава планира изградба на нови катни гаражи и платформи на реката Отиња.

 

ИЗДВОЕНИ