Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, го посетил спортскиот аеродром кај Штип, каде што се сретнал со Раде Ивановски, сопственик на компанијата „Римин еар“, пензиониран пилот на комерцијални летови и инструктор, при што разговарал за можности за основна обука на „ер трактори“.
– Ангелов истовремено се сретна со тројца можни кандидати за пилоти на „ер трактори“, кои имаат преку 300 авиочасови во спортско летање. Притоа, тој имаше извидувачки лет со еден од кандидатите за пилот на „ер трактор“, над штипскиот регион – соопштија од ДЗС.
Во овој момент, Дирекцијата има пет пилоти на „ер трактор“. Воедно, еден авион од „ер тракторите“ е сервисиран, тој е функционален и е на аеродром, додека два се на сервис. Се очекува тие да пристигнат сервисирани и подготвени за употреба во април, а најдоцна во мај, со што летната сезоната на пожари на отворено ќе се пречека поподготвено.
Ангелов неодамна изјави дека пилотите се обучени по највисоки европски стандарди, а тоа значи побрза и поефикасна интервенција кога секоја минута е важна.
Во пресрет на летото, кога ризикот од пожари драстично расте, надлежните очекуваат дека засилените капацитети ќе помогнат во побрза реакција и во намалување на штетите.












