Десет години откако британските граѓани гласаа за напуштање на Европската Унија на референдум, ново истражување покажува дека мнозинството граѓани во четирите најголеми членки на ЕУ го поддржуваат нејзиното враќање, но не под истите привилегирани услови што ги имаше претходно, објавуваат агенциите.
Според анкетата „EuroTrack“, спроведена од институтот YouGov во шест западноевропски земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, најмалку половина од испитаниците во Франција, Германија, Италија и Шпанија веруваат дека на Велика Британија треба да ѝ се дозволи повторно да влезе во ЕУ, објавува денес британски „Гардијан“.
Поддршката за враќањето на Велика Британија во Унијата е најниска во Италија (51 процент), а највисока во Германија (63 проценти).
Сепак, на прашањето дали Велика Британија треба да се врати под истите услови, вклучително и задржување на британската фунта, ослободување од еврото и останување надвор од Шенген зоната, поддршката значително опаѓа. Во просек, само една петтина од испитаниците во овие четири земји веруваат дека Велика Британија треба да се врати како никогаш да не заминала. Мнозинството (помеѓу 58 и 62 проценти) веруваат дека земјата треба да учествува во сите клучни политики на ЕУ.
Во посебен дел од анкетата, според „Гардијан“, се поставува прашањето дали на Велика Британија треба да ѝ се дозволи враќање доколку инсистира на старите опции за истапување, а поддршката за ова сценарио се движи од 33 до 36 проценти, додека помеѓу 41 и 52 проценти од испитаниците рекле дека се против.
Во самата Велика Британија, 54 проценти од граѓаните го поддржуваат повторното членство во ЕУ доколку прашањето се постави генерално.
Меѓутоа, ако враќањето би значело откажување од претходните опции за истапување, поддршката паѓа на 36 проценти, додека 45 проценти од граѓаните се против такво сценарио.
Поддршката за враќање без опции за истапување нагло паѓа кај гласачите кои претходно гласаа за останување во ЕУ. Иако 60 проценти од гласачите за останување сè уште поддржуваат враќање под нови услови, тоа е пад од 25 процентни поени во споредба со прашањето без услови. Меѓу гласачите на Лабуристите, поддршката паѓа од 81 на 58 проценти, а меѓу либералните демократи од 80 на 49 проценти.