Поранешниот ММА-борач Фарход Рахимзода, кој беше осуден на 23 години затвор за убиство на жена и на нејзината петгодишна ќерка во Русија, починал пред да ја отслужи казната. Според извештаите на руските медиуми, тој бил пронајден мртов во затворската ќелија, а околностите и причината за смртта не се обелоденети.

Случајот ја шокираше јавноста поради бруталноста на злосторството, но и поради наводниот мотив. Рахимзода, кој работел како таксист, ја запознал жртвата Олга додека ја превезувал. Откако дознал дека наследила значителна сума пари, наводно започнал да ѝ помага, вклучително и при купувањето автомобил.

Според медиумските извештаи, трагедијата се случила кога побарала Олга од него да ја одведе до автосервис. Во текот на возењето, избувнала расправија, по што тој ја нападнал со нож. Нејзината петгодишна ќерка била во автомобилот и била убиена.

Телата на жртвите биле оставени на различни локации во областа Новосибирск. Истрагата утврдила дека Рахимзода присвоил повеќе од два милиони рубли, како и автомобилот на убиената жена.

Според руските медиуми, Олга планирала да ги искористи парите како учество за купување стан преку станбен кредит. Токму тие средства, според објавените информации, биле мотив за злосторството.

Рахимзода бил оженет и имал две деца и живеел со нив во станот на својата тешта. По убиствата, наводно се обидел да ја прикрие вистината и побарал помош за да ја напушти Русија.

Пред бегството, ѝ оставил пари на тештата, тврдејќи дека се наменети за купување стан. Сепак, таа одбила да ги задржи средствата и тие биле предадени на истражните органи.

Рахимзода се обидел да побегне во Таџикистан, но бил уапсен во Казахстан и екстрадиран во Русија. Обвинителството барало доживотен затвор, но судот му изрекол казна од 23 години затвор во колонија со строг режим.

Според медиумските извештаи, предвид биле земени и олеснителни околности, меѓу кои фактот дека имал две малолетни деца. Сега, неговата смрт во затвор отвори нови прашања и засега нема официјално објаснување за тоа како и зошто починал.

ИЗДВОЕНИ