сабота, јули 18, 2026
Дома СКОПСКА Пуштен во употреба новиот базен во Карпош   

Пуштен во употреба новиот базен во Карпош   

70

Денеска, официјално беше пуштен во употреба новиот базен кај спортската сала „Наум Наумовски Борче“, во Карпош.

Станува збор за базен од затворен тип, со должина од 25 метри и ширина од 9 метри, кој по пуштањето во употреба, ќе биде предаден во владение на Општина Карпош.

На свеченото отворање на базенот присуствуваа министерот за спортм Борко Ристовски, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски.

Министерот Ристовски ја истакна важноста на инвестициите во спортската инфраструктура како предуслов за развој на спортот, рекреацијата и здравите животни навики кај младите.

– Ова е шестиот базен кој Министерството за спорт го завршува или е во завршна фаза, а ја почнуваме и изградбата на базените во Струмица и во Кавадарци. Продолжуваме да инвестираме во она што сметаме дека е најважно, а тоа е спортската инфраструктура – рече Ристовски.

Поздравувајќи ја реализацијата на овој проект, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, нагласи дека ветувањата што се дадени треба и да се реализираат и дека Владата ќе продолжи да работи посветено во таа насока и во наредниот период.

– Човек не може да не биде задоволен кога ќе направите нешто добро, корисно за заедницата и пред сѐ, за најмладите. Посакувам во наредниот период да имаме уште многу вакви проекти, да почнеме нови и оние што се почнати да ги завршиме. Ние, како Влада, продолжуваме посветено да работиме заедно со општините во насока на завршување на проектите што беа објавени преку две програми и два повика од Министерството за локална самоуправа, во вредност од околу 350 милиони евра. Сите оние други проекти што Министерството ги финансира преку други програми со директна инвестиција од Владата до општините ќе бидат постапно реализирани – изјави Мицкоски.

 

Изградбата на базенот започна во 2023 година од тогашната Агенција за млади и спорт, но проектот подоцна беше оставен недовршен. Министерството за спорт, во рамките на Програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура, го почна процесот на откочување на затекнатите и заглавени инфраструктурни проекти, обезбеди средства и ја заврши нивната реализација со цел тие што поскоро да бидат ставени во функција на спортот и на граѓаните.

Со завршувањето на базенот во Карпош продолжува реализацијата на проектите за изградба на затворени базени низ државата. Претходно, беа завршени и предадени на општините базените во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода и во Штип, а наскоро во употреба ќе бидат пуштени и затворените базени во Битола, Кичево и во Општина Ѓорче Петров.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ