Вештачката интелигенција не е веќе технологија на иднината, туку на сегашноста и вистинското прашање денес е какво место ќе имаме ние во таа промена, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на Стартап револушн еј-ај самит во Скопје. Тој порача дека Македонија не треба да биде набљудувач на новата технолошка револуција, туку активен учесник во неа.
– Вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината за која разговараме и се обидуваме да предвидиме како ќе влијае еден ден врз нашите животи. Таа е технологија на сегашноста, која веќе го менува начинот на кој работиме, учиме, комуницираме, произведуваме, лекуваме, истражуваме и создаваме компании. Затоа прашањето повеќе не е дали ќе ги промени вештачката интелигенција нашите економии и општества. Веќе се случува тоа. Вистинското прашање е какво место ќе имаме ние во таа промена – рече Мицкоски.
На претприемачите и на сопствениците на компании им порача да не дозволат големината на домашниот пазар да ја определува големината на нивната амбиција.
– Македонија не треба да биде набљудувач на новата технолошка револуција. Треба да биде нејзин активен учесник. Во економијата на знаењето, географијата станува помалку важна, а талентот, образованието, брзината, креативноста и способноста една добра идеја да се претвори во производ стануваат поважни од големината на територијата или од бројот на жители. Нашата амбиција треба да биде идеите, производите и компаниите создадени во Македонија да растат и да се натпреваруваат на европскиот и на светскиот пазар – истакна Мицкоски.
Градете ја Македонија, но размислувајте глобално и никогаш не дозволувајте стравот од неуспех да биде посилен од желбата да создадете нешто ново – порача премиерот.












