Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека патриотизмот не е отфрлање на странски инвестиции, туку зголемување на приходите на земјата и дека инвестициите како оние во Звернец придонесуваат за економски раст.
Тој го кажа ова како одговор на протестите организирани во Албанија поради проект поврзан со планираната изградба на луксузен туристички комплекс поврзан со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и додаде дека патриотизмот е кога се зголемува економскиот капацитет на земјата, пренесува албанскиот ABC News.
„И кога се зголемува обемот на приходите во џебовите на пензионерите, во џебовите на оние што ѝ служат на државата и, секако, во џебовите на компаниите. Патриотизмот не е задоволување со она што е постигнато денес, бидејќи ако Албанија е задоволна од туризмот што го постигна денес, Албанија ќе падне во друга бездна, бездната во која паднаа земјите што станаа заложници на масовниот туризам“, рече Рама.
Протестите продолжија и вчера пред албанскиот парламент во Тирана, каде што граѓаните се собраа нна протест против албанскиот премиер Еди Рама и неговата влада, одговарајќи на повикот на организаторите протестот да се одржи паралелно со пленарната седница на парламентот, објавија албанските медиуми, наведувајќи дека полицијата употребила солзавец, бибер спреј и водни топови. Девет полицајци и пет демонстранти беа повредени, 18 лица приведени, оштетени полициски возила, е билансот од судирите меѓу демонстрантите и полицијата денеска попладне пред албанскиот парламент, а пратениците влегуваа во Собранието за да ја одржат редовната собраниска седница.
Пратениците беа гаѓани со јајца поради што полицијата мораше да интервенира, на што демонстрантите почнаа со насилно однесување, фрлаа камења кон полицајците, отстранија дел од заштитната ограда обидувајќи се да влезат во парламентот, поради што полицијата употреби солзавец и водни топови.
Демонстрантите уништија полициски возила кршејќи ги прозорците и удирајќи со тврди предмети, а фрлија инеколку „молотови коктели“. Генералниот секретар на владејачката Социјалистичка партија и координатор на пратеничката група, Таулант Бала, во реакција на социјалните мрежи го осуди насилството врз полицајците и повика на оградување од ваквите акти нагласувајќи дека „крвта на полицијата е крв на државата“ и дека „кој ќе крене рака против нив, крева рака против државата“.
Граѓаните носеа транспаренти со пораките „Време е за будење“ и „Еден народ, еден глас, една иднина“, додека некои демонстранти влегоа и во блискиот ресторан каде што беа пратениците и фрлаа јајца и брашно врз нив.












