Скопските велосипедисти бараат од идните градоначалници кандидирани од политичките партии за локалните избори да се подобрат условите за возење велосипед. Тие и претходните години, исто така пред локални избори, им укажаа на кандидатите за градоначалници, кои потоа и ја презедоа оваа функција, за своите потреби, но велат дека не се задоволни од тоа колку е преземено во однос на тоа.
Сега, повторно испратија до сите актуелни партии листа со 10 чекори до велосипедско и до пешачко Скопје, бидејќи нивната визија, како што наведуваат, е Скопје до 2030 година да стане најпријателскиот град на Балканот за пешаци и за велосипеди, со модално учество на велосипедите од 15 % од градскиот сообраќај и со нула жртви во сообраќајот, град што е зелен и пријатен за живеење.
Од групата скопски велосипедисти „На точак“ се надеваат дека ќе им послужат како добра насока за делот од програмите за локалните избори посветен на сообраќајниот систем на Скопје, безбедноста во сообраќајот и уредувањето на улиците и на другите јавни простори.
Сметаат дека му се потребни промени на Скопје во повеќе области за да стане квалитетен град за живеење, град со одржлив и безбеден сообраќај, пријателски за пешачење и за возење велосипед.
Тие повторно им укажуваат на идните градоначалници, како и годините наназад, дека е потребно да се распространи велосипедската мрежа, бидејќи, како што констатираат, таа, преку проектот „Скопје велоград“ во 2014 година, не е целосно изведена, ниту, пак, значително надградена.
– Град Скопје, во соработка со општините, треба да изготви план за велосипедска мрежа за да се обезбедат велосипедски патеки и ленти или велосипедски улици на секои 250 метри (според европските препораки), блиску до сечиј дом, работно (место), дестинација, од интерес на жителите и на посетителите – предлагаат од „На точак“.
Додаваат дека Скопје, кое има околу 144 километри велосипедска инфраструктура, може да стигне до 300 километри и на тој начин да стане највелопријателскиот град на Балканот.
Потоа, бараат слободни тротоари и квалитетен јавен простор.
– Пречките на тротоарите како што се нелегално паркираните возила, урбаната опрема и сл. ни создаваат напнатост во секојдневието и чувство дека овој град не е град каде што луѓето се жители со права. Особено стануваме свесни кога треба да прошетаме мали деца – нагласуваат од „На точак“.
Затоа предлагаат Град Скопје и особено општините да работат на решителна акција за: етапно ослободување на тротоарите од возила, дислоцирање на лошо поставената урбана опрема, тротоарите и целиот јавен простор да бидат пошироки, поквалитетни, лесно достапни и пристапни (не со високи рабници) за сите граѓани.
Повторно ја споменуваат Вардарската зелена магистрала и тоа дека кејот на Вардар треба да стане зелен коридор на Градот Скопје и негова најголема гордост со поврзаноста, уредувањето, чистотата, препознатливоста, промоцијата на здравјето.
– Двете страни на реката треба да имаат ист третман, да се продолжат кон крајните граници на градот (на запад, низ Ѓорче до завршетокот на урбаниот дел од Сарај и на исток, до границите на Аеродром и на Гази Баба со Студеничани и со Петровец), како и да се интегрираат во остатокот од велосипедската мрежа преку возливи рампи кон секој мост и конектори кон населените места. Секој нов мост на реката Вардар мора да биде или пешачко-велосипедски или задолжително да содржи квалитетно велосипедско решение, покрај она автомобилското. Кејовите на реката Вардар и другите реки по целата должина треба да им дадат примат на зеленилото и на луѓето, а не на автомобилите и на зградите – децидни се од „На точак“.
Воедно, сакаат повеќе паркинзи за велосипеди.
– Град Скопје и општините што поскоро треба да донесат соодветни одлуки за обврска за велосипедски паркинг и за стандарди за секој нов објект и за сите јавни простори, а за постојните објекти да се бараат иновативни решенија. Но, и да изработат голем број функционални држачи за велосипеди и според истражување, анкети или јавни повици, да ги постават на места каде што граѓаните имаат потреба од нив и не пречат при движењето. Секој јавен паркинг за автомобили да посветува одреден процент од местата за паркирање велосипеди – порачуваат од „На точак“.
Сметаат дека покрај јавен автобуски/трамвајски/БРТ-превоз (каков и да се докаже стручно дека е најдобар носечки), на градот му е потребен и јавен велосипедски превоз, односно препознатлив, практичен и квалитетен, автоматизиран систем за споделување велосипеди, како дел од еден памтен систем за движење низ градот, во рамките на кој, со иста картичка, граѓаните ќе можат да се возат во автобус, да изнајмуваат велосипеди и тротинети, сето тоа направено интегрирано, суперпрактично, брзо и доволно привлечно за да се намали употребата на автомобилите.
Не се откажуваат и од визијата нула и зона 30, односно од тоа да се направат булевари на кои навистина ќе се вози со 50 километри на час, сите улици надвор од булеварите да се прогласени за зона 30 и навистина дизајнирани за 30 километри на час.
– Скопје треба да донесе стратешки документ за безбедноста во сообраќајот – визија нула, со кој сите активности на сите институции ќе придонесат кон целта за нула жртви во сообраќајот – истакнуваат од „На точак“.
Очекуваат и правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување велосипедска инфраструктура од Министерството за транспорт. Бараат и денови без автомобили, односно улици за луѓе.
– Треба барем еден викенд во месецот дел од улиците во Скопје, во различни општини, да бидат улици за луѓе наместо за автомобили. Односно, да се затворат повеќе улици за автомобилски сообраќај, а да се отворат за пешачење, возење велосипед, рекреација, социјализација, детска игра и за маалски живот. На овој начин, многу градови во светот ги зголемуваат просторите за рекреација на граѓаните и доловуваат сосема поинаква перспектива за градските улици – појаснуваат од „На точак“.
Додаваат дека, освен субвенции за велосипеди, потребни се и субвенции за велосипедска опрема, за комплетен сервис и опремување на старите велосипеди, за специјални велосипеди (трицикли, рачни велосипеди итн. за лицата со посебни потреби, карго и други велосипеди за мали бизниси и фокусирано субвенционирање за велосипеди за економско и социјално загрозените групи.
Десеттото барање е промена на сообраќајниот систем на Скопје.
– Соодветно на тоа, од Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС0 треба да се мери и анализира и велосипедскиот, а не само автомобилскиот сообраќај. Треба да се постават бројачи за велосипеди на избрани локации во градот, семафорскиот систем да биде пријателски за пешаците и за велосипедите, да се интегрираат велосипедскиот и јавниот превоз како силна противтежа на автоцентричноста, а новиот ГУП и СУМП да бидат со сосема поинаква сообраќајна филозофија – заклучуваат од „На точак“.
(А. П.)