понеделник, август 10, 2026
Дома СВЕТ Мелони и Фредериксен: ЕУ мора да се бори против неконтролираната имиграција

Мелони и Фредериксен: ЕУ мора да се бори против неконтролираната имиграција

0

Премиерките на Италија и на Данска, Џорџа Мелони и Мете Фредериксен денес во заедничка изјава изјавија дека Европската Унија мора да се бори против „неконтролираната имиграција“, реагирајќи на масовното преминување на мигранти од Мароко на шпанската територија во Северна Африка, Сеута.

„Никој не може да ги негира негативните влијанија на нелегалната имиграција врз нашите општества: зголемена стапка на криминал, зголемен притисок врз јавните услуги и ерозија на довербата на граѓаните. Особено е сериозно кога нелегалните имигранти, лишени од правото да останат во нашите земји, извршуваат насилни злосторства, продаваат дрога или стануваат одговорни за сексуално насилство“, изјавија двете премиерки во заедничка изјава, објави „Анса“.

Тие оценија дека е потребно да се зголемат депортациите, да се отворат центри за репатријација во трети земји и да се осмислат „други иновативни решенија“ надвор од Европа.

„Почитувањето на нашите закони мора да оди рака под рака со почитувањето на европските вредности. Ова важи и за нелегалните имигранти, но и за милионите странски државјани кои легално живеат во нашите земји и низ цела Европа. Горди сме на христијанското културно наследство на Европа и сакаме да го заштитиме. Очекуваме оние кои доаѓаат во нашите земји и одлучуваат да ја направат Европа свој дом да ги почитуваат нашите вредности и да не се обидуваат да наметнуваат модели на живот што не ги споделуваме“, нагласија Мелони и Фредериксен.

Тие изјавија дека ЕУ има должност да продолжи да им нуди конкретни одговори на граѓаните, како и да обезбеди поголема безбедност и заштита за своите заедници.

„Заедно, успеавме да го промениме балансот во примената на Европската конвенција за човекови права во однос на странските државјани кои извршуваат сериозни кривични дела“, се наведува во пораката.

Порано денес, лидерот на Европската народна партија, Манфред Вебер, повика на итно воспоставување центри за враќање на мигранти во Африка.

Во колумна за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Вебер ги повтори предлозите што претходно ги изнесе комесарот за миграција на Европската унија, Магнус Брунер, тврдејќи дека на земјите што не се членки на ЕУ би можеле да им се понудат поблиски трговски врски, економска соработка и можности за легална миграција во замена за прифаќање на воспоставување центри за враќање на мигранти.

Шпанија воведе гранични контроли за патниците што доаѓаат од Италија во текот на викендот, мерка што моментално треба да остане на сила до 7 септември, како одговор на одлуката на италијанската влада да не ги укинува контролите што ги воведе на 1 август за патниците што доаѓаат од Шпанија по кризата во Сеута.

Комесарот на ЕУ за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, рече дека внатрешните гранични контроли што ги воведоа Шпанија и Италија се привремени и ја нагласи важноста на довербата меѓу земјите-членки на ЕУ во справувањето со нелегалната миграција, пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ