вторник, март 3, 2026
Дома КУЛТУРА „Мартинки – традиција што трае“ – изложба во МКЦ

„Мартинки – традиција што трае“ – изложба во МКЦ

30

Во Младинскиот културен центар, на 4 март, од 13:00 до 18:00 часот, ќе се одржи изложбата „Мартинки – традиција што трае“ на Марија Младеновска-Митровска.

На изложбата е претставен избор од рачно изработени мартинки создадени низ повеќе од 35 години континуирана работа на Младеновска-Митровска, како и документарен материјал од нивната меѓународна презентација во Варшава, Полска.

Мартинките се традиционален обреден симбол поврзан со доаѓањето на пролетта, здравјето и на добрата среќа.

-Во творештвото на Младеновска-Митровска тие се појавуваат како спој на наследената традиција, личниот ракопис и на современата визуелна интерпретација. Во 2024 година, дел од нејзините изработки беа претставени во Варшава, во рамките на меѓународен настан посветен на обичајот на мартинките, запишан во 2017 година на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, како мултинационална номинација на Македонија, Бугарија, Романија и на Молдавија. Во рамките на овие процеси, иницијативата и долгогодишната посветеност на авторката кон зачувувањето и промоцијата на мартинките се валоризирани и препознаени во контекст на активностите поврзани со нематеријалното културно наследство, се вели кон изложбата.

На отворањето, свое обраќање ќе има м-р Ивона Опетческа- Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра во Управата за заштита на културното наследство и национален координатор за спроведување на Конвенцијата на УНЕСКО од 2003 година за заштита на нематеријалното културно наследство.

Со оваа изложба, авторката пошироко се претставува пред домашната публика, прикажувајќи не само ракотворби туку и континуитет – сведоштво дека живее традицијата сè додека се создава, се чува и се пренесува.

ИЗДВОЕНИ