МАНУ „потоната“ во висока трева

35

Јавните површини во градот се обраснати со трева. Таков е случајот со просторот околу објектот на Македонската академија на науките и уметностите, каде што тревата достигнува и до еден метар, но и со повеќето зелени површини покрај булеварите и сообраќајниците, конкретно булеварот „Александар Македонски“, почнувајќи од Автокоманда.

Тоа е уште еден показател дека јавните градски претпријатија не си ја вршат работата како што треба. Скопје не само што е преплавено со смет туку е и обраснато со трева, а постои опасност и од појава на змии, не дај Боже некој да биде каснат од нив.

Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, кое треба да се грижи за јавните зелени површини и да ги одржува, велат дека сите нивни оперативни екипи максимално се ангажирани на терен и според планот за работа, во сите реони со булеварско зеленило и паркови ги извршуваат редовните активности за уредување и одржување на зеленилото (косење, собирање откос, собирање хартија и отпадоци, товарење на собраната маса, кастрење и обликување на вегетацијата, третирање на растенијата за заштита од разни видови штетници, подготовка на цветните леи за претстојното садење и други активности).

Оттаму се бранат со тоа дека неповолните временски услови, обилните дождови и сонцето во последниов период го отежнале редовното косење, но со стабилизирање на времето, активностите на екипите на терен се интензивирани, со оглед на тоа, како што велат, дека е сезона на забрзан раст на тревата.

Воедно, од претпријатието информираат дека се надлежни за одржување на зеленилото во парковите, покрај булеварите, собирните и магистралните улици што се во надлежност на Град Скопје.

– Другото зеленило во населбите и меѓу блоковите е под надлежност на општините – децидни се од ЈП „Паркови и зеленило“.

Потенцираат дека во моментов спроведуваат активност за косење на тревната површина во сите реони во градот и дека се спроведуваат дополнителни мерки за зголемување на ефикасноста во овој сегмент, како работа во текот на викендите и во попладневните часови.

– Работиме со зголемена динамика, а бројот на косења зависи од временските услови за да се одржат убавиот изглед и здравиот раст на тревата – заклучуваат од претпријатието.

(А. П.)  Фото: (П. С.)

ИЗДВОЕНИ