Македонските граѓани лани потрошиле 950 милиони евра за купување на Интернет, што е раст од 36 % во однос на 2024 година, покажуваат податоците од извештајот на Асоцијацијата за е-трговија.
Повеќе од половина од парите или 470 милиони евра завршиле во касите на македонските- е-трговци. Кај нив пазареле и странци, кои потрошиле 52 милиони евра во македонските е-продавници. Или вкупно 522 милиони евра.
Меѓутоа, вкупно 428 милиони евра потрошиле македонските граѓани кај странските е-трговци, што е раст од 45 % во однос на 2024 година.
Бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 28,9 милиони, односно е за 32 % поголем во однос на 2024 година. Најизразен пораст повторно се забележува кај домашните картички кон странските е-трговци, со раст од дури 61 %, што укажува на зголемена фреквенција на онлајн купување, најчесто со пониска поединечна вредност.
Бројот на трансакции кај домашните е-трговци, исто така, расте, но со поумерено темпо, односно остварени се 15 милиони трансакции, што претставува пораст од 14 % во однос на тој период од минатата година, додека странските иматели на картички оствариле 2 милиони трансакции кон домашните е-трговци, односно пораст од 39 % во однос на минатата година.
Просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2025 година изнесува речиси 33 евра и е еднаква како и во 2024 година.
Просечната вредност остварена за купување со македонски картички од странските е-трговци се намалила за 10 % и изнесува 34 евра, додека кај имателите на домашни картички кон домашните е-трговци се зголемила за 6 % и изнесува 32 евра, а странските иматели кон домашните е-трговци, исто така, ја зголемиле вредноста за 1 % и изнесува 31 евро.
– Податоците за 2025 година јасно потврдуваат дека е-трговијата во Македонија продолжува да бележи силен и динамичен раст. Особено значаен е порастот од 32 % во вкупната вредност на онлајн трансакциите, што укажува на зголемена доверба на граѓаните во дигиталните канали за купување, но и на постепена зрелост на пазарот – вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска-Станков.












