Поради пониските цени на горивата во Македонија, зголемен е сообраќајот на граничниот премин Ќафасан. Голем број албански граѓани секојдневно доаѓаат во Македонија по гориво и други основни производи што се поевтини од Албанија. Според објавените информации, за влез во земјава се чека повеќе од два часа, а на граничниот премин секојдневно има долги колони возила.
Главна причина за овој бран е ценовната разлика кај горивата. Во Македонија, според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, дизелот се продава по 98 денари за литар, бензинот еуросупер БС-95 по 83,5 денари, а еуросупер БС-98 по 85,5 денари. Во Албанија, пак, малопродажната цена на дизелот изнесува околу 203 леки за литар или 125 денари и бензинот од 175 леки, односно 110 денари за литар, што го прави горивото таму поскапо од македонското.
Албанците од пограничниот регион што доаѓаат во Македонија, освен гориво, купуваат и други прехранбени производи, кои се поевтини кај нас и ги зголемуваат прометот и трговијата во Охридско-струшкиот Регион. Трговците од македонска страна, исто така, велат дека ваквиот тренд позитивно влијае на локалната економија, бидејќи се зголемува прометот во продавниците и на бензинските пумпи. Поради високите цени на горивата, албанската Влада најави мерки за намалување на акцизното оптоварување за да го ублажи ударот врз домашниот пазар.
Во периоди на зголемена инфлација, ваквото прекугранично купување станува уште поизразено. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во земјава има доволни количини нафтени деривати и дека нема потреба од воведување ограничување и покрај зголемената потрошувачка во пограничните региони.
Тој посочи дека потрошувачката минатата недела достигнала рекордни два милиони литри дневно, од кои околу 75 проценти дизел, а 25 проценти безоловен бензин.
Зголемената побарувачка, како што нагласи, е резултат на засилениот притисок во пограничните региони, особено на северната, западната и на јужната граница, каде што потрошувачката на одредени бензински пумпи е и до трипати зголемена поради странските државјани што доаѓаат да полнат гориво.
– Во овој момент нема потреба од какво било ограничување, бидејќи во разговор со трговците и со снабдувачот добив уверување дека нема опасност да бидат загрозени домашните потрошувачи, иако од 1,5 милиони конзумот е зголемен на 2 милиони литри на ден. Се надевам дека така и ќе остане, дека сето тоа што се случува во Заливот ќе престане и дека ќе се нормализира состојбата во светот, односно режимот во Иран ќе престане да го опструира природното право на трговија на земјите од Заливот и навремено снабдување на другите потрошувачи со нафта и нафтени деривати од Заливот – рече Мицкоски.
Во однос на очекувањата за дополнителен притисок врз бензинските пумпи, премиерот најави дека е можно такво сценарио, особено од Србија, по завршувањето на двонеделниот регулиран период пред Велигден, како и во зависност од движењето на цените на берзите.
Дополнително, Мицкоски посочи дека дел од аеродромите во регионот се снабдуваат со гориво од Македонија, при што го издвои аеродромот во Приштина, кој, како што рече, целосно се снабдува со керозин од земјава.












