Писмениот дел од правосудниот испит да се полага на јазикот на кој е завршено високото образование, а усниот на македонски јазик. Ова е ставот на македонската Влада, кој денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, по вчерашното одбивање на ваквиот предлог од студентите Албанци, на средбата со министерот за правда, Јетон Шасивари. Според премиерот, правото на високо образование на мајчин јазик не е спорно, но нагласи дека треба да се прави разлика меѓу јазикот на образованието и функционирањето на правосудниот систем.
– Писмениот дел од правосудниот испит треба да се полага на јазикот на кој го завршиле кандидатите високото образование, додека усниот дел, кој опфаќа симулација на граѓански и кривичен спор, треба да се одвива на македонски јазик. Никој не го спори правото да се заврши високо образование на јазикот што го овозможила државата – изјави премиерот, посочувајќи дека правните факултети во земјава овозможуваат образование и на јазици различни од македонскиот.
Мицкоски се повика на принципот франка лингва, односно на употребата на заеднички јазик во одреден систем.
– Во Македонија, тој јазик е македонскиот и согласно со препораката на Венецијанската комисија, треба да се почитува мислењето од меѓународните институции. Така што правосудниот систем во Македонија останува франка лингва, односно систем во кој македонскиот јазик ќе биде тој што е официјален – дециден е Мицкоски.
Тој се повика и на препораките на Венецијанската комисија во врска со Законот за употреба на јазиците, посочувајќи дека треба да се земаат предвид мислењата на меѓународните институции.
Претставниците на студентите Албанци, по средбата со министерот за правда, Шасивари, изјавија дека целосно им е неприфатлив предлогот со кој би полагале 12 предмети за правосуден испит на албански јазик, а само два на македонски.
– Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи треба да се полагаат два испити на македонски јазик. Имаме Закон за употреба на јазиците, кој им дозволува на албанските студенти правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ние не бараме ништо, освен да се почитуваат Уставот и законите. Шасивари ни вети дека повторно ќе има средба со нашите декани и професори, но сакаме целиот правосуден испит да се полага на албански јазик – изјави Сухејб Мехмеди, студентски правобранител од Универзитетот „Мајка Тереза“, кој најави нови протести ако не се исполни нивното барање.
Денеска реагираше и опозициската партија ДУИ, која соопшти дека се „спротивставува на обидите на министерот за правда, Јетон Шасивари, за кршење на Уставот и на Законот за употреба на јазиците“.
– Според логиката на министерот Шасивари, правен јазик останува само македонскиот јазик, додека употребата на албанскиот јазик се третира како прашање за кое треба да се преговара, да се дискутира и да се уредува преку подзаконски акти. Од право што произлегува од Уставот и законот, министерот нè сведува на подзаконски акти! Ова не е решение на проблемот, туку создавање нов проблем – потенцираат од ДУИ.
Од оваа партија додаваат дека подзаконските акти треба да служат за спроведување на Уставот и на законите, а не за нивно заменување или ограничување на правото што го гарантираат тие. (Б. Ѓ.)












