Воените команданти на Иран објавија серија пораки во кои тврдат дека складирале ново оружје и се подготвени да го користат врз цели надвор од регионот доколку САД продолжат со непријателските дејства што ги почнаа во февруари
Иран се подготвува за нова фаза на војна со САД и испраќа јавни закани до Вашингтон и неговите сојузници. Во изминатиот месец, воените команданти на Иран објавија серија пораки во кои тврдат дека складирале ново оружје и се подготвени да го користат врз цели надвор од регионот доколку САД продолжат со непријателските дејства што ги почнаа во февруари.
Функционерите се закануваат дека ќе го прошират списокот на цели доколку продолжи конфликтот и споменуваат можност за сечење подводни интернет-кабли, напад врз центри за податоци за вештачка интелигенција и напад врз регионални нафтени и гасни постројки, пишува Си-ен-ен.
– Светот ќе биде вџасен, изјави Хосеин Мохеби, портпарол на ИРГЦ, додавајќи: „Имаме нови цели кои сè уште не се нападнати“.
Речиси девет месеци откако САД и Израел почнаа војна против Иран, конфликтот е во застој, но Мохеби нагласи дека војната не е завршена и дека корпусот на ИРГЦ се подготвил за долготраен конфликт. И советниците на Белата куќа во последните недели разговараат за опции поврзани со Иран. Иако Трамп јавно изјави дека нема да преземе никакви нови чекори пред изборите за Конгресот, неколку советници неофицијално изјавија за Си-ен-ен дека не знаат дали таа одлука е конечна и дали може да се промени до изборите на 3 ноември. Американската војска разви нови планови кои вклучуваат можна употреба на таканаречената „мајка на сите бомби“.
Доколку Трамп нареди продолжување на операциите, целите би биле енергетската инфраструктура и нуклеарните постројки на Иран.
– Ова се пропагандни алатки за заплашување на иранскиот народ. Иранскиот народ е татко на сите бомби, изјави во саботата командантот на иранската армија, Алиреза Шеик.
Иран објави нова, поофанзивна воена доктрина, што имплицира дека нема да чека напад, туку би можел да изврши и превентивни напади. Минатата недела, профилите на социјалните медиуми на Револуционерната гарда објавија снимки од воени вежби низ целата земја, со истовремено лансирање на 30 балистички ракети.












