среда, октомври 14, 2026
Дома КУЛТУРА Писателот Киро Донев номиниран за престижната награда за литература за деца „Астрид...

Писателот Киро Донев номиниран за престижната награда за литература за деца „Астрид Линдгрен“

14

Попладнево, Комитетот за доделување на Меѓународната меморијална награда „Астрид Линдгрен“ (АЛМА) во Стокхолм, ги соопшти номинираните кандидати за наградата за 2027 година.

Меѓу нив е и македонскиот писател Киро Донев, ексклузивен автор на „Македоника литера“.

Листата опфаќа автори и илустратори, како и раскажувачи и промотори на читањето, како и организации кои ги популаризираат книгата и читањето.

Добитникот ќе биде објавен на 6 април 2027 година на Меѓународниот саем на книгата за деца во Болоња, Италија.

Бидејќи во Македонија нема национална секција на The International Board on Books for Young People (IBBY), како овластен предлагач на кандидати за двете споменати награди, Киро Донев, во мај годинава, беше предложен од Институтот за детска книжевност од Белград (https://childrenliterature.org/en/) кој е овластен предлагача на кандидати од регионот.

Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ е воспоставена во 2002 година од страна на шведската влада во спомен на славната писателка Астрид Линдгрен, со цел да се промовира правото на децата на врвни книжевни дела.

 

Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. По завршувањето на основото училиште, завршил Учителска школа во Штип, а потоа студирал на Филозофскиот факултет во Скопје.

Работел како новинар при што бил главен и одговорен уредник на списанието „Наш свет“, а кон крајот на 1990-тите бил главен и одговорен уредник и директор на редакцијата „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“.

По пензионирањето, тој се преселува во родното село. Тој е член на ДПМ од 1970 година.

Исто така, тој е автор и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.

Киро Донев е добитник на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ (за најдобра книга за деца), наградата „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“.

ИЗДВОЕНИ