– Наградата за најдобар дебитантски долгометражен филм му припаѓа на филмот „17“ на Косара Митиќ. Суров и непомирлив. Филм полн со бес и вешта кинематографија, на многу талентирана режисерка и неверојатна глума. Филмот прикажува долго премолчено насилство со кое мора да се соочиме, се вели во образложението за наградата што долгометражното дебитантско остварување на Митиќ го доби на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим што се одржа од 9 до 19 јули
Македонскиот игран филм кој ги третира проблемите и сексуалното насилство кај адолесцентите, „17“, во режија на Косара Митиќ, ја освои наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм (GWFF Award for Best International Debut Film) на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим што се одржа од 9 до 19 јули.
– Наградата за најдобар дебитантски долгометражен филм му припаѓа на филмот „17“ на Косара Митиќ. Суров и непомирлив. Филм полн со бес и вешта кинематографија, на многу талентирана режисерка и неверојатна глума. Филмот прикажува долго премолчено насилство со кое мора да се соочиме, се вели во образложението на меѓународното жири во состав: продуцентот Марк-Беноа Креансје, германската актерка Корина Харфух и режисерот и сценарист Јона Розенкиер.
Долгометражното дебитанско остварување на Митиќ „17“ обработува тема посветена на младите кога се тие во своите критични тинејџерски години, кога се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината, но и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи. Филмот е инспириран од вистински настан, односно претставува екранизирање на една шокантна вест што одекна во нашите медиуми во 2016 година, кога студентка го фрлила своето бебе во канта и заминала на апсолвентска екскурзија во странство.
Филмот ја имаше својата светска премиера во рамките на селекцијата „Перспективи“ на годинашниот 76. Берлински филмски фестивал.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Ева Костиќ и Мартина Даниловска, а настапуваат и: Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Симеон Дамевски.
Режисерката Митиќ го потпишува сценариото на „17“, заедно со хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимограф е Жаклина Крстевска, а монтажер – Владимир Павловски.
Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција. Продуценти на филмот се Томи Салковски и Кристијан Буровски, а копродуценти Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Погачник.
Според продуцентот Салковски, филмот „17“ претставува крик за будење на општеството.
– Темата на филмот директно ги третира проблемите на новите генерации, проблеми што не сакаме да признаеме дека постојат. Ова е филм што не ги затвора проблемите, туку ги отвора. Сакаме да покажеме како живееме, односно дека секојдневно сите ние премолчуваме некои работи што се случуваат – истакна Салковски претходно во Скопје, кога ја најави светската премиера во Берлин.
Филмот е продуциран од „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт и попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија.
Од продукцијата посочуваат дека признанието во Ерусалим претставува продолжение на успешниот меѓународен фестивалски пат на филмот, по светската премиера во Берлин.
Остварувањето е поддржано и од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија и од Словенечкиот филмски центар. Меѓународната продажба на филмот е на „Tотем филмс“ со седиште во Париз. (Н. И. Т.)












