Четириесет и тригодишен македонски државјанин е уапсен во Србија под сомнение дека се обидел да поткупи сообраќајни полицајци, откако бил запрен поради прекршоци на автопатот во близина на Краљево.
Како што соопшти српското Министерство за внатрешни работи, З. А. (43) бил лишен од слобода во акција на Управата за криминалистичка полиција и Службата за борба против корупцијата, по налог на Посебното одделение за сузбивање корупција при Вишото јавно обвинителство во Краљево.
Случајот се случил откако сообраќајната полиција го запрела автомобилот што го управувал македонскиот државјанин. При контролата било утврдено дека тој ја надминал дозволената брзина и се движел по левата сообраќајна лента, иако десната лента била слободна.
Кога полицајците започнале да му издаваат прекршочен налог, осомничениот, според МВР на Србија, им понудил пари за да не биде санкциониран.
Полицајците веднаш го пријавиле случајот, по што во постапката се вклучиле и антикорупциските служби.
На З. А. му е одредено полициско задржување до 48 часа. По истекот на задржувањето, со кривична пријава за давање поткуп ќе биде изведен пред надлежен јавен обвинител во Краљево.












