„Мајкрософт“ предупреди за глобална хакерска кампања насочена кон патниците. Оние што се поврзуваат на бесплатниот вај-фај во хотелите, становите и во конференциските центри се особено изложени на ризик.
Кампањата, наречена „Кептив кранч“, е насочена кон корисниците на виндоус-компјутерите, а постојат индикации дека се засегнати и андроид-уредите. Напаѓачите ги нарушуваат мрежите каде што се најавуваат гостите. Наместо вообичаената страница за пријавување или веднаш по неа, на корисниците им се прикажува лажно барање за инсталирање на ажурирање на пребарувачот или на „Виндоусот“. Оние што ќе наседнат на тоа, преземаат злонамерен софтвер. Тој софтвер не краде само поединечни датотеки. Може да ги преземе лозинките, колачињата на пребарувачот, зачуваните најавувања, акредитивите на „Мајкрософт 365“ и податоците од вај-фај мрежата. Може да го снима и она што го чукате на тастатурата, да копира датотеки и да пристапи до вашите микрофон и веб-камера, наведува „Вечерњи лист“.
„Мајкрософт“ ја поврза кампањата со групата Сторм 2945, за која верува дека е подгрупа на групата Миднајт близард. Западните разузнавачки агенции веќе со години ја поврзуваат групата со руската служба за надворешно разузнавање СВР, позната по кибершпионажата насочена кон владини институции, дипломатски мисии, невладини организации и ИТ-компании.
Затоа експертите ги советуваат патниците да го користат хотелскиот, аеродромскиот или конференцискиот вај-фај со голема претпазливост. Доколку е можно, предупредуваат тие, подобро е да се користи мобилната мрежа или сопствената пристапна точка.
Ако по поврзувањето со вај-фај се појави барање за инсталирање на ажурирање, сертификат или безбедносна програма, треба да се игнорира тоа. Ажурирањата треба да се инсталираат само преку вградени системи или апликации на оперативниот систем, никогаш преку прозорецот на пребарувачот.












