Звуците од кастанетите на извонредната уметница Луцеро Тена и од харфата од Гзавије де Местре завчеравечер создадоа вистинска магија во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“, на Шпанската вечер што се организира традиционално, секоја година на фестивалот „Охридско лето“. Шпанската вечер ја отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија, Рафаел Сориано Ортиз, кој рече дека „Охридско лето“ е настан што не смее да се пропушти во лето, зашто ги собира извонредните уметници од целиот свет.

– Фестивалот на тој начин ја исполнува својата цел: да ги трансформира културата и уметноста, со големо У, во мост на разбирање помеѓу луѓето и нациите. Голема благодарност и честитки до сите што го овозможуваат тоа. Шпанија и оваа година е присутна во Охрид. Во оваа пригода, со големо задоволство ви ја претставувам извонредната Лусеро Тена, голема фламенко танчарка, во поголемиот дел од нејзината долга кариера. Таа сега е најголем виртуоз на кастанети во светот. Лусеро е придружувана од големиот уметник, Гзавије де Местре, исто така виртуоз на својот инструмент и извонреден музиколог. Тие ќе изведат неколку дела заедно, кои магично ќе нè однесат од срцето на Балканот до мојата сакана Шпанија – рече амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Рафаел Сориано Ортиз, пред почетокот на концертот.

Луцеро Тена, која италијанскиот печат ја нарече „Паганини на кастанетите“, е пионер во концептот „Солист на кастанети“ и е препознатлива по својот специфичен стил на интерпретација. Во 2027 г., заедно со Гзавије де Местре, го издаде цедето „Шпанска серенада“, промовирајќи го на турнеја низ светот. Во 2018 г. настапи на „Холивуд боул“ со Пласидо Доминго, на фестивалите МИТО и во Равена, Италија, заедно со Гзавије де Местре, а дебитираше во Филхармонијата во Париз. Ангажманите што ја очекуваат се рецитали со Гзавије де Местре во Германија, Франција, Кина и во Јапонија, како и на фестивалот „Шлезвиг-Холштајн“. Потоа настапи на шпанските летни фестивали, како и солистички настапи во шпанските театри и оперски куќи.

Гзавије де Местре, пак, е еден од водечките харфисти на денешницата и исклучително надарен и креативен музичар. Редовно настапува со водечките оркестри во светот, како симфониските оркестри во Чикаго, Монтреал, Бирмингем, оркестрите на Шведското и на Финското радио, оркестрите во Лос Анџелес, Лондон, Санкт Петербург, Осло, Париз, Цирих, како и оркестрите во Кина, Саун Пауло и во Салцбург, работејќи со светски познатите диригенти.

Двајцата големи уметници, Луцеро Тена и Гзавије де Местре, на концертот на „Охридско лето“ изведоа дела од својот албум што е снимен за „Сони мјузик“ и е распродаден во светот.

ИЗДВОЕНИ