– Нашата држава негува особен респект кон УНЕСКО, организација што со своето дејствување го оправдува своето постоење преку промовирање на универзалните вредности и развојни цели од заеднички интерес. Горди сме на придонесот што го вложуваме во промовирањето и имплементирањето на активностите на организацијата на национално, регионално и на меѓународно ниво – истакна министерот за култура и туризам и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Зоран Љутков, на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, која се одржува во конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд, Република Узбекистан.
Пред присутните, тој нагласи дека ѝ се посветува особено внимание на заштитата на културното и природното наследство, со акцент на Охридскиот Регион – впишан на листата на светско наследство на УНЕСКО пред повеќе од четири децении.
– Како држава, сме исправени пред предизвикот да ја зачуваме неговата исклучителна универзална вредност и да ја оправдаме довербата што ни е укажана – посочи Љутков.
Во своето обраќање, тој ги истакна заложбата на државата за унапредување на соработката со УНЕСКО и активното учество во реализацијата на иницијативите што ги обединуваат образованието, науката, културата и иновациите во функција на одржливиот развој. Тој посочи дека македонската Влада посветува особено внимание на областите што се во фокусот на УНЕСКО: заштитата на културното и на природното наследство, справувањето со климатските промени, како и развојот на новите технологии, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Меѓу другото, потсети дека во доменот на образованието, со поддршка на УНЕСКО, е изработен извештај за квалитетот на националниот образовен систем, кој потврдува дека земјата се движи во насока на еднаков пристап, инклузија и безбедна училишна средина. Осврнувајќи се на културната соработка, Љутков ги потенцираше активностите реализирани во рамките на 20-годишнината од Конвенцијата за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања (2005), во кои активно се вклучени националните институции, фестивалите „Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“ и „Мајски оперски вечери“. Љутков, исто така, потсети дека традиционалната изработка и свирење на гајда е впишана како мултинационален елемент на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото и дека македонски експерти веќе работат на нови номинации.












