
Авион на „Бритиш ервејс“ ја блокираше пистата на лондонскиот аеродром „Гетвик“, предизвикувајќи сериозно нарушување во воздушниот сообраќај во текот на ноќта меѓу понеделникот и вторникот.
Авионот слетал безбедно, но поради техничка грешка, останал на единствената активна писта. Поради тоа, девет авиони кружеле над аеродромот, чекајќи дозвола за слетување и прогласувајќи вонредна состојба, најверојатно поради намалена количина гориво. Исто така биле пренасочени 14 лета кон други аеродроми, објавува „Мирор“.
Во таа ноќ на неизвесност биле засегнати летови од неколку европски и северноафрикански града, вклучувајќи ги Тенерифе, Валенсија, Ланзароте, Фуертевентура, Родос, Атина, Бари, Рим и Агадир. „Бритиш ервејс“ потврди дека има технички проблем, но не даде дополнителни детали.
– Пистата беше накратко затворена рано утрово, поради технички проблем со еден авион. Како резултат на тоа, мал број летови беа пренасочени, но поголемиот дел подоцна се вратија во „Гетвик“. Како и секогаш, безбедноста е наш приоритет – се вели во соопштението на аеродромот „Гетвик“.
Пистата беше повторно отворена кратко пред 1:30 часот изутрината, по што први слетаа авионите на ТУИ и „Изи џет“.











