Од 1 јуни, целокупната трговија што транзитира низ Македонија се одвива преку Новиот компјутеризиран транзитен систем (НКТС) Фаза 6, со што државата прави значаен чекор кон целосно усогласување со стандардите што се применуваат во Царинската унија на Европската Унија. Ова е дел од обврските преземени со Планот за пораст и со тоа македонскиот царински транзитен систем е целосно усогласен со системите што ги користат 80 проценти од земјите членки на Конвенцијата за заеднички транзит, меѓу кои се Германија и Грција.

Од Царинската управа велат дека во наредниот период се предвидува дополнителна надградба на системот, со што Македонија ќе се приклучи кон групата земји што овозможуваат поднесување единствена транзитна декларација заедно со безбедносните најави.

Новиот начин на функционирање на системот има за цел да ја олесни трговијата, да обезбеди поголема стабилност на трговските текови и да ги намали ризиците од застои на граничните премини. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека станува збор за важен исчекор во модернизацијата на царинското работење.

– Имплементацијата на овој систем претставува клучен исчекор во модернизацијата на царинското работење, кој преку олеснување на трговијата и воведување безбедносни проверки пред пристигнување на стоката на граница, носи директни придобивки за бизнис-заедницата и за економскиот пораст на државата – изјави Николовски.

Тој нагласи дека Царинската управа продолжува со засилена реализација на Реформската агенда и Планот за пораст, при што реформите се претвораат во конкретни резултати.

– Европа не се освојува со зборови, туку со реформи и резултати. Ние реформите ги спроведуваме, а резултатите се видливи и лесно мерливи – порача Николовски.

 

ИЗДВОЕНИ