Со енергичниот настап, кубанскиот музичар Ален Перез постојано беше во интеракција и ја мотивираше публиката, која не можеше да им одолее на неговите глас, страста за музиката и на шармот. „Вамос Скопје, вамос Македонија“, викаше Перез, канејќи ја публиката во НОБ да стане, да игра, да ракоплеска…
Експлозија на латинозвуци, кубанска музика, џез, танц и многу позитивна енергија донесе концертот на кубанскиот музичар Ален Перез, кој заедно со Националниот џез-оркестар настапи вчеравечер, во Националната опера и балет во Скопје.

Со самото влегување во салата и со изведбата на првата нумера, динамичниот, шармантен и добро расположен Перез ја раздвижи скопската публика, која тактираше, ракоплескаше, мрдаше на своите седишта, за до крајот на концертот речиси сите присутни да станат и да играат во ритамот на салсата, румбата, во ритамот на латинотанците.

Перез настапи со својата осумчлена ритам-секција „Ла Оркеста“, а како дел од европската турнеја „Тура во Ла Фиеста“, која ја носи автентичната енергија на кубанската музика на сцените во Европа.

Така беше и во Скопје. Со енергичниот настап, тој постојано беше во интеракција и ја мотивираше публиката, која не можеше да им одолее на неговите глас, страста за музиката и на шармот. „Вамос Скопје, вамос Македонија“, викаше Перез, канејќи ја публиката да стане, да игра, да ракоплеска.

Иако со скопската публика комуницираше на шпански јазик, таа го разбираше бидејќи, како што рече самиот, зборува од срце. Преку прекрасната латиномузика и динамичната изведба на сите музичари на сцената, присутните во салата како да беа пренесени на магичните плажи во Хавана и на Куба.

– Музиката е универзален јазик – рече тој, одговарајќи на аплаузите на задоволната публика.

Покрај моќниот глас и изведбата на препознатливите латинонумери, Перез се покажа во Скопје и како мултиинструменталист. Свиреше на неколку инструменти: на бас, гитара, клавијатури, со што ги потврди својот исклучителен талент и музичките вештини.
Добитникот на престижните награди „Греми“ и „Латино Греми“, кој е и композитор и продуцент, е сметан за еден од најзначајните претставници на латино и на современата афрокубанска музика. Своето светско признание го стекнал како член на легендарниот состав „Иракере“, под водство на Чучо Валдес, како и преку долгогодишната соработка со фламенко-иконата, Пако де Лусија.

При крајот на концертот тој изведе, како што рече, стара кубанска традиционална нумера, важна за нивната култура, наречена „Салса“. Бурен аплауз, стоечки овации добија тој, неговиот бенд и нашиот Национален џез-оркестар, а публиката ги врати и на бис. Овој концерт беше особено значаен поради тоа што Перез за првпат ја изведе својата музика во биг бенд формација, во продукција на Националниот џез-оркестар. Секако, публиката ја воодушевија и нашите џезери кои имаа забележителни и одлични соло делници на труба и саксофон. Од концертот, кој траеше околу 100 минути, излегоа многу позитивни и насмеани лица, а настанот претставуваше уште еден бисер во низата настапи на Националниот џез-оркестар. (Н. И. Т.)












