Со реализацијата на овие проекти, железничкиот сектор треба да добие подобра инфраструктура, современи возови и поеколошки начин на транспорт. Истовремено, изградбата на Коридорот 8, подготовките за брзата пруга на Коридорот 10 и реконструкцијата на линијата Велес – Битола се дел од пошироките планови за подобрување на транспортната поврзаност на државата и нејзиното поврзување со европската железничка мрежа

 

Паралелно со изградбата на шесте автопатски делници на коридорите 8 и 10-д, се продолжува со реализацијата на железничкиот проект кон Бугарија на Коридорот 8, се подготвува изградбата на брзата пруга на Коридорот 10, а во план е и темелна реконструкција, надградба и електрификација на постојната железничка линија од Велес до Битола. Целта е модернизација на железничката мрежа, побрз и поефикасен транспорт и подобро регионално поврзување.

Трета фаза од железницата кон Бугарија

За третата фаза од железничката пруга кон Бугарија е активен грант од 149 милиони евра од Европската Унија, а тендерските постапки за изградба и за надзор на делницата од Крива Паланка до бугарската граница се веќе објавени. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во телевизиско гостување истакна дека не очекува заладените односи меѓу Скопје и Софија да го загрозат завршувањето на проектот, бидејќи станува збор за исклучително важен стратешки инфраструктурен коридор.

– Од првиот ден зборувам дека се работи за инженерски, а не за политички проблем, што се докажа. Мислам дека е добар дијалогот за соработка и со новиот министер за транспорт на Бугарија – рече Николоски.

Тој информираше дека веќе се одржале две средби на меѓувладиниот комитет, предводен од заменици-министрите, на кои се разговарало за изградбата на прекуграничниот железнички тунел. Следен чекор е средба со бугарскиот министер за транспорт, на која треба да се потпише протокол за начинот на реализација на проектот.

Според договорениот пристап, Македонија ќе ја обезбеди проектната документација, додека Бугарија ќе ја спроведе тендерската постапка за тунелот, со оглед на можностите што ги има како земја членка на ЕУ за обезбедување дополнителни грантови.

– Очекувам силна поддршка од ЕУ, ЕИБ и од ЕБОР, кои веќе најавија дека ќе ја финансираат изградбата на тунелот – посочи Николоски.

Првата делница, од Куманово до Бељаковце, веќе е пуштена во употреба. На втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка, долга 34 километри, градежните работи се одвиваат со напредок од околу 40 проценти, а нејзиното завршување е планирано до 2028 година. За третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, се објавени тендерите за изградба и за надзор. Крајниот рок за доставување понуди е 20 јануари 2027 година, по што избраниот изведувач ќе има пет години за реализација на работите.

– Паралелно со македонските активности, на бугарска страна се работи на подготовка и реализација на четирите делници, од кои две веќе се „тендерирани“, а за другите две се одвиваат тендерските постапки. Целта е до 2032 година да се завршат македонските делници и прекуграничниот тунел, како и потребните работи на бугарската железничка инфраструктура, со што ќе се овозможи побрзо и поквалитетно патување со воз од Скопје, преку Софија, до Бургас и до Варна – истакна Николоски.

Како особено значаен чекор, тој ја посочи и координацијата за железничката сигнализација меѓу двете држави, со цел возовите да не мора да запираат на границата поради различни системи.

Почетокот на градежните работи за брзата пруга напролет

Паралелно со железничкиот проект кон Бугарија, Владата се подготвува и за реализација на брзата пруга на Коридорот 10, проект за кој е предвидено стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Николоски информираше дека сите шест студии предвидени во рамките на подготовките биле доставени во договорениот рок, до 31 август, со што проектот влегува во финалната подготвителна фаза.

– По подолго време, првпат во Македонија се почитува рок. Имено, сите шест студии требаше да бидат готови до 31 август и ние ги добивме на истиот датум. Што значи дека сега влегуваме во финалната фаза и ако е сè добро, ќе го почитуваме рокот, а тоа е да ги имаме веќе и градежните работи од пролет – рече Николоски.

Осврнувајќи се на можните последици од промената на премиерот во Обединетото Кралство, тој нагласи дека е воспоставено стратешкото партнерство со држава чии долгорочни политики и меѓународни обврски не зависат од промените на Владата.

– Во однос на политичкиот контекст, се работи за пресериозна држава, втора најголема сила во НАТО, држава членка на Советот за безбедност на ООН и таму не се менуваат овие одлуки со промената на Владата – истакна министерот, а како потврда за континуитетот на соработката, најави и нови средби на високо ниво во Лондон, во втората половина на ноември и на почетокот од декември.

Велес – Битола: реконструкција, надградба и електрификација преку ИПА 3

Покрај изградбата на новите железнички делници, во план е и модернизација на постојната пруга од Велес до Битола, која со децении нема претрпено целосна реконструкција на целата траса. Според Николоски, железничката делница е вклучена како приоритет во програмата ИПА 3 на Европската Унија, која треба да биде усвоена до крајот на годинава, а да стане оперативна од 1 јануари 2027 година. По тоа ќе следуваат тендерските постапки, изборот на изведувач и почетокот на работите.

– Таму одиме со реконструкција, надградба и, многу важно, со електрификација, затоа што сега, до исклучувањето кај Велес, е електрична, а по тоа мора да се користи дизел-локомотива. Така што, ако имаме електрична, ем ќе е поевтино ем е еколошки подобро – истакна Николоски.

Железничката линија Велес – Битола се градеше во неколку фази, во првата половина на 20 век. Делницата Прилеп – Битола била пуштена во сообраќај на 7 април 1931 година, додека делницата Велес – Прилеп била завршена во јануари 1936 година, со што Битола добила директна железничка врска со Велес и со тогашната железничка мрежа. Поради долгогодишното отсуство на генерален ремонт на целата траса, на одредени делови од пругата возовите се движат со значително намалена брзина. Предвидената реконструкција треба да ја подобри состојбата на инфраструктурата, да овозможи побезбеден и поефикасен сообраќај и да ги намали трошоците за железнички транспорт.

Набавка на нови возови и електрични локомотиви

Модернизацијата на железничката инфраструктура треба да биде проследена и со обновување на возниот парк на „Македонски железници – Транспорт“. Николоски најави дека е постигнат договор со Европската банка за обнова и развој за набавка на најмалку пет електрични локомотиви. Воедно, прикрај е и договорот со Светската банка за набавка на пет до седум патнички гарнитури, а се очекува дополнително да бидат набавени уште два воза со сопствени средства на компанијата.

– Ќе имаме девет нови воза во следните две-три години и пет нови локомотиви – истакна вицепремиерот.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ