Државниот завод за ревизија откри сериозни пропусти во работењето на Бирото за метрологија. Опрема набавена во претходните години во вредност од 145,2 милиони денари, односно околу 2,36 милиони евра, со години не била заведена во деловните книги на Бирото, додека мобилната лабораторија за проверка на квалитетот на нафтата и нафтените деривати, за која државата потрошила повеќе од еден милион евра, во текот на 2024 година воопшто не била користена.
Ревизијата се однесува на финансиските извештаи на Министерството за економија – Биро за метрологија за периодот од 1 јануари до 2 септември 2024 година, како и на усогласеноста на работењето со законите и прописите. По промените во организацијата на државната управа, Бирото продолжува да работи во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, преку новата буџетска сметка.
Поради утврдените состојби и неправилности, ревизорите изразиле неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на работењето со законската регулатива.
Еден од најголемите проблеми е што опрема вредна 145,2 милиони денари, или околу 2,36 милиони евра, набавена во претходните години, сè уште не била евидентирана во деловните книги и во билансот на состојба на Бирото. Според ревизорите, причината е тоа што не било извршено примопредавање со Министерството за економија и труд.
При пописот на имотот биле утврдени и разлики меѓу сметководствената евиденција и фактичката состојба. Кај основните средства била утврдена разлика од 5,54 милиони денари, односно околу 90.000 евра. Проблеми има и со материјалите што Бирото ги користи во секојдневната работа. Во текот на 2024 година биле набавени пломби, жигови, жиг-налепници за верификација и записници во вкупна вредност од 4,27 милиони денари, односно околу 69.400 евра. За овие материјали, сепак, не била воспоставена соодветна сметководствена и материјална евиденција, иако тие се користат при проверката и заверката на мерните инструменти и се директно поврзани со приходите што ги остварува Бирото.
Ревизорите утврдиле слабости и во евидентирањето и наплатата на побарувањата од клиентите. На 31 декември 2024 година, Бирото прикажало побарувања од купувачи во износ од 40,55 милиони денари, или околу 659.000 евра. Кај дел од комитентите, меѓутоа, биле утврдени негативни салда во износ од 11,74 милиони денари, односно околу 191.000 евра, поради што ревизорите оцениле дека побарувањата не се реално прикажани во финансиските извештаи.
Проблеми имало и со фактурирањето на услугите за хомологација. Во текот на 2024 година биле евидентирани побарувања во вкупен износ од 14,19 милиони денари, или околу 231.000 евра. Од нив, 2,32 милиони денари, односно околу 37.800 евра, се однесувале на фактури издадени уште во 2023 година. Во 2025 година дополнително биле евидентирани побарувања од 1,48 милиони денари, или околу 24.000 евра, по фактури издадени во 2024 година.
Од услугите за верификација на мерила, калибрација на еталони и мерила и други услуги, Бирото во 2024 година остварило приходи од вкупно 122,4 милиони денари, или околу 1,99 милиони евра. Најголем дел од овие пари биле остварени од услугите за верификација на мерила. И тука ревизорите нашле пропусти. Постапките за управување со предметите и наплатата на услугите се спроведувале без донесена интерна процедура, а немало ниту јасно утврдени рокови за распределба, контрола и одобрување на предметите.
Дополнително, од вкупно фактурираните услуги за верификација во 2024 година во вредност од 182,97 милиони денари, односно околу 2,98 милиони евра, дури 82,09 милиони денари, или околу 1,34 милиони евра, се однесувале на услуги по барања поднесени во периодот од 2018 до 2023 година. Ова, според ревизорите, укажува на значително доцнење во фактурирањето.
Особено внимание ревизијата посветила на мобилната лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива. Бирото во 2019 година, по одлука на Владата, набавило мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на нафтата и нафтените деривати за 37,37 милиони денари, или околу 608.000 евра. Во 2021 година била набавена и дополнителна опрема вредна 24,76 милиони денари, односно околу 403.000 евра.
Вкупно, за лабораторијата и дополнителната опрема државата потрошила околу 62,1 милиони денари, или нешто повеќе од еден милион евра. И покрај вложените значителни средства, во текот на цела 2024 година преку мобилната лабораторија не била направена ниту една анализа на нафта или нафтени деривати. Причината е што Државниот пазарен инспекторат, со кој Бирото има склучено договор за користење на лабораторијата, не доставил барања за анализа.
Ревизорите утврдиле пропусти и во евиденцијата на издадените одобренија за тип на производ и согласностите за регистрација. Бирото немало воспоставено евиденција за одобренијата и согласностите што ги издаваат техничките служби и овластените правни лица во постапките поврзани со идентификацијата и оценката на техничката состојба на возилата. Како причина се наведува и тоа што од страна на МВР не бил воспоставен регистар на возила за внесување и размена на податоци меѓу надлежните институции.
Ревизијата открила слабости и во следењето на приходите што Бирото ги добива од услугите за верификација на мерила што ги вршат овластени правни лица. Овие компании имаат обврска да му уплатат на Бирото 20 отсто од вредноста на извршените услуги. Но, не биле утврдени јасни правила за известувањето, контролата на извршените услуги и роковите за уплата.
Според ревизорите, овластените правни лица го известуваат Бирото квартално, а парите ги уплаќаат со задоцнување од шест до девет месеци по истекот на кварталот во кој биле извршени услугите. Тоа создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата на приходите што му следуваат на Бирото.
За утврдените пропусти Државниот завод за ревизија дал повеќе препораки, со кои треба да се подобри евиденцијата на имотот, контролата на приходите и побарувањата, навременото фактурирање и следењето на работата на овластените правни лица.
(С.Бл.)












