Јубилејниот концерт на „Фолтин“ по повод 30 години од првата средба со публиката што се одржа неодамна во „Хераклеја“ во Битола, беше средба што ќе се памети, ќе одекнува и долго ќе се прераскажува.

Енергијата од сцената одеше кон луѓето, па се враќаше назад – погласна, послободна, малку побесна. Некогаш како ритам, некогаш како масажа, некогаш како чист адреналин. И така, цела вечер, границата меѓу сцената и спроти неа исчезна. Меѓупросторот се исполни со глас, со движење, со раце во воздух, со смеа, со она препознатливо чувство дека сите заедно сме дел од нешто што се случува само еднаш.

Триесет години Фолтин не се раскажаа. Се отсвирија, песна по песна, поглед по поглед, насмевка по насмевка, здив по здив…

Сцената имаше и свои дополнителни гласови. Со „Фолтин“ беа пријателите Оливер Јосифовски, Алек Секуловски, Дина Јашари, Лука Тошев, и членовите на Дувачкиот оркестар на Битола (Стефан Тасевски, Мирко Митровски, Љупчо Богатиноски) секој од нив додавајќи свој импулс во заедничкиот пулс на вечерта.

Иако јубилејниот концерт на „Фолтин“ по повод 30 години од првата средба со публиката заврши во „Хераклеја“, прославата продолжува…

Групата е основана во 1995 година во Битола. Од малите клупски сцени, до концертните сали и фестивалските бини низ Европа, „Фолтин“ создава свој уникатен свет – место каде што се среќаваат звукот, имагинацијата, хуморот и емоцијата. Музичкиот јазик на „Фолтин“ е имагинарна смеса или фонетска имитација на јазици, како што се: шпанскиот, францускиот, португалскиот, романскиот, таканаречениот „спонтан есперанто“ итн., во комбинација со еден звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс. „Фолтин“ пее и на македонски јазик, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од алтернативниот рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре. Членови на „Фолтин“ се Бранислав Николов, Пеце Николовски, Пеце Трајковски, Гоце Јовановски и Славе Јовев.

Фото: Томислав Георгиев

ИЗДВОЕНИ