недела, октомври 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Куманово гас“ подготвено за грејната сезона

„Куманово гас“ подготвено за грејната сезона

Според податоците на претпријатието „Куманово гас“, моментално има 39 правни и 205 физички лица приклучени на мрежата. Во бројот на правни лица се вклучени и три станбени згради со централизирано греење, во кои се користи природниот гас за загревање на околу 200 станбени единици. „Куманово гас“ работи на проширување на дистрибутивната мрежа кон индустриските зони.  Оттаму велат дека се во фаза на проектирање два поголеми капитални проекти за изградба на мрежа до индустриските зони Новине и Речица. Исто така, се подготвуваат и проект за нова дистрибутивна мрежа и мернорегулациска станица на улицата „Индустриска“, со која треба да се опфатат и улиците „Железничка“ и „11 Ноември“. На ова подрачје се предвидени приклучоци за повеќе државни институции, јавни објекти и приватни компании. Во тек е и изработка на проектна документација за проширување на мрежата во индустриската зона Доброшане. Дистрибутивната мрежа веќе стигна до зоната, лани, но за да се овозможат приклучоци на компаниите што работат таму, потребно е да се проектира и да се изгради соодветна инфраструктура во рамките на самата зона

24

Корисниците на природен гас во Куманово можат да ги активираат системите за греење откако завршија потребните проверки и контроли.

Од „Куманово гас“ очекуваат цената на гасот да биде нешто повисока во однос на летниот период, а во тек се и проекти за проширување на дистрибутивната мрежа кон индустриските зони и кон новите јавни објекти.

– Секоја година во летните месеци, кога е намалена потрошувачката на природен гас, паѓа и цената. Со почетокот на грејната сезона, очекуваме таа малку да се зголеми во однос на летниот период. Цената за оваа грејна сезона ќе зависи од светските берзи – изјави директорот на ЈП „Куманово гас“, Марко Митровски.

Институциите што веќе се приклучени на дистрибутивната мрежа на „Куманово гас“ ги завршиле испитувањата и контролите на своите системи за греење и се подготвени за претстојната сезона.

Меѓу новите поголеми потрошувачи што се очекува да почнат да користат природен гас се Основниот суд Куманово, Секторот за внатрешни работи – Куманово и Центарот за вработување. Овие институции беа приклучени на мрежата лани, но поради претходно обезбедените количини на нафта за греење, не почнаа веднаш да го користат гасот. За оваа грејна сезона веќе распишале тендери за набавка на природен гас. На дистрибутивната мрежа се приклучени и основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“ во Соколана и основното музичко училиште „Панче Пешев“.

Според податоците на претпријатието, моментално има 39 правни и 205 физички лица приклучени на мрежата. Во бројот на правни лица се вклучени и три станбени згради со централизирано греење, во кои природниот гас се користи за загревање на околу 200 станбени единици.

„Куманово гас“ работи на проширување на дистрибутивната мрежа кон индустриските зони.

Оттаму велат дека се во фаза на проектирање два поголеми капитални проекти за изградба на мрежа до индустриските зони Новине и Речица.

Од претпријатието очекуваат во текот на наредната година да ги добијат комплетната проектна документација и потребните одобренија за градба.

Исто така, се подготвуваат и проект за нова дистрибутивна мрежа и мернорегулациска станица на улицата „Индустриска“, со која треба да се опфатат и улиците „Железничка“ и „11 Ноември“. На ова подрачје се предвидени приклучоци за повеќе државни институции, јавни објекти и приватни компании.

Меѓу потенцијалните корисници се касарната „Боро Менков“, новото училиште во населбата Бедиње, факултетот што веќе функционира неколку години, Центарот за управување со кризи, како и други правни и физички лица што изразиле интерес за приклучување.

Во тек е и изработка на проектна документација за проширување на мрежата во индустриската зона Доброшане. Дистрибутивната мрежа веќе стигна до зоната, лани, но за да се овозможат приклучоци на компаниите што работат таму, потребно е да се проектира и да се изгради соодветна инфраструктура во рамките на самата зона.

Митровски посочува дека се значајни проширувањето на мрежата и приклучувањето на поголемите потрошувачи и од аспект на намалување на аерозагадувањето во Куманово. Претпријатието секоја година приклучува нови правни лица, главно, во централното градско подрачје, кои ги заменуваат системите за греење на нафта со користење природен гас.

– Природниот гас при согорувањето ослободува помалку јаглерод диоксид и значително помалку цврсти честички во споредба со нафтата. Во грејната сезона 2025/2026 година, дистрибуиравме околу 586.000  нормални кубни метри природен гас, со што е заменета употребата на приближно 586.000 литри нафта. Минатата година, до корисниците испорачавме 6. 804.208 KWH. Бидејќи најголем дел од овие објекти се наоѓаат во централното градско подрачје, каде што е најизразено загадувањето, преминувањето на почист енергенс има значење за квалитетот на воздухот – вели Митровски.

Тој појаснува дека податоците за заменетите количества нафта се однесуваат на анализите на претпријатието, а не на директните мерења на влијанието врз квалитетот на воздухот. Заинтересираните имаат субвенции на располагање. Општина Куманово доделува субвенција од 25.000 денари за приклучок на дистрибутивната мрежа, а мерката е достапна во текот на целата година.

Дополнително, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предвидува субвенција од 30.000 денари за домаќинствата што веќе имаат приклучок на мрежата, но немаат инсталирано гасен котел. Средствата се наменети за покривање на дел од трошоците за набавка на котелот.

ИЗДВОЕНИ