Иницијативата „Три мориња“ станува сѐ поактуелна во новите геополитички текови, а Македонија настојува навремено да се позиционира како значаен дел од оваа регионална платформа преку развојот на клучните транспортни коридори. Вицепремиерот Александар Николоски, на панел-дискусијата „Транспортни коридори – геостратешки предуслов за економски просперитет и безбедносна архитектура во Југоисточна Европа – иницијатива 3 мориња“, која се одржа во Стопанската комора, оцени дека државата има јасна шанса да се вклучи во иницијативата, користејќи ги своите геостратешки предности.

– Јасни се новите геополитички текови во светот и треба да бидеме паметни, нашата дипломатија да ја фати иницијативата „Три мориња“ како геостратешки интерес на државата. Имаме многу да понудиме и начин како да се приклучиме и да соработуваме – изјави Николоски.

Тој посочи дека токму Коридорот 10, како еден од најважните бизнис-коридори во Европа, и Коридорот 8, како значаен безбедносен коридор на НАТО, ѝ даваат на земјата силна геополитичка позиција.

– Од една страна го имаме Коридорот 10, кој се сече со Коридорот 8. Тие ни даваат подобра поврзаност и геостратешка предност и затоа, како Влада, посветуваме големо внимание, енергија и инвестиции за нивно доградување и модернизација – нагласи Николоски.

Според него, Владата паралелно работи и на зајакнување на стратешките партнерства со западните сојузници, со цел позиционирање на земјата како стабилен партнер во регионот.

Во контекст на инфраструктурните проекти, премиерот Христијан Мицкоски, пак, информираше дека изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д се одвива според планираната динамика.

– Сите делници од Коридорот 8 се одвиваат согласно со предвидената динамика. Моментално се работат галериите – изјави Мицкоски.

Тој призна дека имало одредени финансиски предизвици, особено за делницата Кичево – Охрид, по прекинот на финансирањето од кинеската банка, но истакна дека е надминат проблемот.

–  Имавме мала тешкотија, особено во делот на обезбедувањето средства за Кичево – Охрид, но бргу се реорганизиравме и тој проблем е надминат – рече премиерот.

Како решение, како што додаде, е формиран синдикат од домашни банки, кој ќе го доврши финансирањето на проектот.

–  Формиран е синдикат од домашни банки со поволни услови, кои ќе го дозавршат финансирањето и со тоа оваа делница, конечно, ќе биде функционална – посочи Мицкоски.

Покрај тоа, според Владата, напредуваат и делниците Тетов о–Гостивар и Гостивар – Букојчани, како и делот Прилеп – Битола на Коридорот 10-д, кој, според Мицкоски, се реализира „прилично солидно“.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ