Полската војска денеска соопшти дека еден неидентификуван објект можеби навлегол во воздушниот простор на земјата, поради што е испратен копнен тим за пребарување и спасување за да ја лоцира евентуалната местоположба на пад.
„По сомнение за нарушување на воздушниот простор на Република Полска од страна на неидентификуван објект – инцидент што можеби се случил синоќа – преземени се мерки за проверка на настанот“, објави Оперативната команда на полските вооружени сили (DORSZ) на социјалната мрежа „Икс“.
Според извештаите, копнен тим за пребарување и спасување од Силите за територијална одбрана е испратен јужно од Лублин за да го пребара теренот во потрага по евентуално место на пад. Во операцијата учествуваат и полицијата и воената жандармерија.
„Целта на овие активности е да се провери регистрираниот радарски сигнал и извештаите од локалните жители, како и да се утврди природата на потенцијалниот објект – конкретно, дали сигналот можеби е резултат на метеоролошки појави или аномалии“, се додава во соопштението.
Од DORSZ наведуваат дека, во оваа фаза, нарушувањето на полскиот воздушен простор сè уште не е потврдено.
Оперативната команда на полските вооружени сили изјави дека ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации откако ќе заврши истрагата и ќе се потврдат деталите за инцидентот, пренесе „Танјуг“.












