Секој збор има своја вибрација, свој број и свој код. Сѐ е поврзано со фреквенцијата, вибрацијата и со енергијата. Ние создаваме со зборовите и со мислите. Какви ни се зборовите и мислите, таква ќе ни биде судбината. Размислувањето создава чувства, а чувствата создаваат размислување што е соодветно на тие чувства. Луѓето не разбираат дека зборовите што се изговараат имаат голема тежина. Зборот е корен на делата. Тој може да повреди, да растажи, да го скрши срцето, но може и да развесели, да поттикне, да возбуди и да помогне. Какви зборови кажуваме, такви стануваме. Според Сигмунд Фројд, зборовите имаат моќ да лекуваат. Ако може толку многу да повредуваат, тогаш зборовите може и да исцелуваат. Изговорените зборови најдобро ги откриваат слабостите или доблестите на луѓето. Во античката епоха, клучно било да се поставуваат вистинските прашања и да се даваат мудри одговори. Сократ имал кажано: „Зборувај за да видам со кого си имам работа“. Најважен бил самоговорот (автосугестијата), кој не требало да биде обоен со негативност.
Проблемот на современото живеење е што сликата го победи зборот. Физичкиот изглед стана побитен од мудроста. Социјалните мрежи и медиумите нè бомбардираат со лажни слики на среќа (кои се наметнуваат како еден вид идеал), а, всушност, луѓето стануваат сѐ понесреќни, поотуѓени и поосамени.
- 1. Осаменоста и отуѓеноста станаа болест на 21 век
Тоа се случува поради уништувањето на семејните вредности, изопачувањето на моралот и ниското ниво на емпатија. Кога постои недостиг на позитивна комуникација, тогаш луѓето стануваат подложни на немир и депресија. Современиот човек стана депресивен, бидејќи се чувствува отуѓено и осамено. Неретко, самотијата и не е толку голем проблем, многу поболно е кога се чувствуваме осамено, а не сме сами. Луѓето се плашат да бидат сами со себе. Поединецот што нема капацитет да биде сам со себе, нема почит ни кон туѓата потреба за мир и самотија.
За да бидеме во хармонија со себе, неопходно е да постигнеме урамнотеженост помеѓу духот, умот и телото (мислата, зборот и делата).
Човекот е коавтор на стварноста, заедно со врховниот творец – Бог. Духот (душата) и материјата (телото) се тесно поврзани. Истражувајќи ги својствата и однесувањето на елементарните честички, физичарот Дејвид Бом ги открил нивната поврзаност и единството што се крие зад секој поединечен ентитет и така укажал дека секој дел од физичката реалност е присутен во целината и целината во секој свој дел, што ни овозможува да го согледаме физичкиот универзум како голем холограм (тродимензионална слика). Во холограмското толкување на светот постои само единствен свет во кој сѐ е поврзано со сѐ, низ нераскинлива меѓузависност на деловите. Тоа укажува дека човекот ќе се чувствува хармонично само доколку постигне урамнотеженост помеѓу умот, емоциите и телото. Нашата душа знае што е потребно за да ги доведеме во рамнотежа емоциите, умот и телото. Покрај грижата за физичката состојба на телото, неопходно е да водиме сметка и за духовната состојба на личноста.
- Дисхармонизирањето на нашето биополе настанува откако ќе се наруши балансот помеѓу емоциите, умот и телото
Ако една од овие три компоненти престане да биде во хармонија, тоа ќе се одрази врз другите две. Поврзаноста со нашата душа (внатрешно битие) е неопходна за општото здравје и за рамнотежата на нашата личност.
Токму како што мислите се јазик на мозокот, чувствата се јазик на телото. А тоа како размислуваме и како се чувствуваме, ја создава духовната состојба на нашето живеење. Состојба на постоење е таа состојба во која нашето тело и нашиот ум работат заедно. Затоа нашата моментна состојба на постоење е автентична врска меѓу умот и телото, смета доктор Џо Диспенца.
- Уверувањата што ги имаме за одредени животни ситуации и мислите што секојдневно ни се вртат во глава може да исцелуваат, но и да разболуваат
Со експериментот „малтретирање растение“, во ИКЕА се обиделе да ја подигнат свеста против малтретирањето (булингот) во училиштата. Во експериментот ИКЕА вклучила две растенија поставени во едно училиште, а задача на учениците била на едното растение да му кажуваат комплименти и убави зборови, додека другото растение требало вербално да го малтретираат со зборови на лутина и омраза. По 30 дена од експериментот, растението што добивало комплименти продолжило да напредува, додека растението што било вербално малтретирано се борело за опстанок, со кафени, овенати лисја. Двете растенија добивале иста количина вода, биле изложени на сончева светлина и добивале иста количина ѓубриво. Единствената разлика било што едното добивало комплименти, а другото погрдни зборови. Сличен експеримент (истражување) спровел и професор Гаљаев. Семињата кон кои биле изговорени пцости и негативни зборови, биле како да се изложени на 30 000 зрачења на рендген. Но, откако им се обраќале со љубов и убави зборови, преку 70 % од нив опстанале и пораснале во здрави растенија.
Тоа кажува дека повеќето од болестите се предизвикани од негативни зборови и од негативни мисли. Со своите мисли и зборови ние твориме, не само кон нештата што се надвор од нас туку и кон нештата што се длабоко во нас. „Секој момент, во секој поглед сè повеќе и повеќе напредувам, чувствувајќи се сè подобро и подобро“ е афирмацијата или автосугестија искажана од Емил Куе. Не постојат објективни околности, учел Куе, постои само нашето убедување или верување.
- Со доследно користење на автосугестијата, секоја внатрешна состојба може да биде подобрена
Подигнувањето на свеста кон позитивните вредности ќе овозможи привлекување лица и настани со позитивни вредности. Според Џозеф Марфи: „Човекот е таков каква што е неговата потсвест“.
Состојбата на нашата свест и потсвест е причина, надворешниот свет е последица. Како се чувствуваме внатрешно, такви нешта привлекуваме. За да постигнеме внатрешна смиреност, неопходно е да го ослободиме умот од вознемирувачки мисли и емоции. Тоа не е лесна задача, но колку повеќе инвестираме во личниот развој, толку побрзо ќе постигнеме смиреност. Во хиндуистичките учења, категоријата време е небитна, бидејќи темелот на себеразвојот не е ставен врз минливото (телото), туку врз вечното (душата).
Христијанското учење во преден план ги истакнува сомилоста, сочувството, верата, љубовта и надежта. Во Библијата е запишано дека вистинската вера спасува и дека Бог помага во опасните моменти и избавува од лошите состојби. Но, тешко е да се надеваме на Божјата сомилост доколку не правиме работи што ќе ни помогнат нашата вера да стане силна, а нашето срце кротко и полно со љубов. Книгата „Мудри Соломонови изреки“ порачува: „Од сè што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот“ (Изреки 4,23). Поуката е дека состојбата на нашите емоции влијае на тоа како живееме и што чувствуваме.
Најголемата скапоценост во нашиот живот сме ние самите и само над сопственото его треба да оствариме контрола. Тоа ќе го постигнеме ако внимаваме на својата душа, го јакнеме својот дух, умно постапуваме и позитивно дејствуваме. Посветеноста на Бога и духовноста произлегуваат од негувањето позитивни мисли, кажувањето позитивни зборови и правењето позитивни дела. Овие вредности се остварливи само ако поседуваме позитивен дух и облагородена душа.
Врз структурирањето на позитивниот дух влијаат многу фактори, но како најкарактеристични ќе ги наведеме: вербата, зрелоста на личноста, оптимизмот, самопочитувањето, рационалниот пристап, емпатијата, извршувањето на својата животна мисија и убеденоста дека сѐ ќе биде добро на крајот.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)