EPA/TOLGA AKMEN

Линда Носкова ја продолжи познатата чешка лоза во женска конкуренција на Вимблдон. Таа стана шестата тенисерка од Чешка што го кренала пехарот на централниот терен на „Ол Ингланд клуб“ во Лондон, по Мартина Навратилова, Јана Новотна, Петра Квитова, Маркета Вондрушова и Барбора Крејчикова.

Линда стигна до својата прва гренд слем титула во сениорска конкуренција по драматичен финален дуел против сонародничката Каролина Мухова. По сигурното водство од 6:2, 5:2, Носкова загуби пет гема по ред, пропуштајќи пет меч-топки и финалниот дуел неочекувано „замина“ во третиот сет.

Во првиот гем од решавачкиот сет, таа успеа да спаси три брејк-топки и тоа беше предзнак за финалното славење. Носкова го доби овој дел од играта со 6:3 и благодарение на триумфот на Вимблдон, стигна до седмото место на ВТА- листата, што е воедно најдоброто рангирање во нејзината кариера.

Моментите на радост во Лондон беа измешани со тага, бидејќи Линда емотивно се распадна по триумфот во кариерата. Само еден ден пред да игра на Вимблдон, во јули 2024 година, почина нејзината мајка, Ивана, од рак.

– Благодарност до татко ми и до членовите на семејството што беа тука, бидејќи знам дека не сакаат да летаат со авион. Би сакала да ѝ се заблагодарам на уште една личност, на мајка ми. Не би стоела тука без неа. Ви благодарам! – рече 21-годишната Линда по триумфот на шампионатот.

Таа испрати бакнеж кон небото.

– Луѓе, обично не плачам. Сите солзи од тага, сите солзи од радост, сè вредеше. Никогаш нема да ги заборавам овие две недели – рече Носкова.

Линда Носкова, биографија

Линда е родена на 17 ноември 2004 година. Пораснала во селото Бистричка, во регионот Всетин. Почнала да тренира на седумгодишна возраст, а на 14 години се преселила во Преров за посериозно да се занимава со тенис.

Уште во јуниорска конкуренција беше јасно дека е тениски дијамант. Таа беше петта во светот, а во 2021 година го освои јуниорскиот Ролан Гарос.

Следното лето, таа стана најмладата тенисерка што влегла во топ-100, додека во февруари 2023 година стана најмладата што некогаш стигнала до елитното друштво на топ-50.

Триумфот што ѝ влеа дополнителна самодоверба беше на Отвореното првенство на Австралија, во 2024 година, кога ја победи светската тенисерка број еден, Ига Швјонтек, во 3. коло. Стигна до четврт-финалето и тоа беше нејзин најдобар пласман на гренд слем турнир до овој Вимблдон.

Тоа лето, таа ја освои својата прва ВТА-титула во Монтереј, а во пресрет на Вимблдон во Берлин, го освои својот прв трофеј на трева, победувајќи ја Џесика Пегула во финалето. Таа сега има три титули во сениорска колекција, две на најбрзата подлога. Таа играше и во финалето на серијата 1.000 на Отвореното првенство на Кина во 2025 година, кога беше поразена од Аманда Анисимова во три сета.

EPA/NEIL HALL

Хуманитарна работа

Покрај тоа што потврди дека поседува шампионски ген, Линда докажа и дека е општествено одговорна личност.

– Јас сум голем љубител на природата, бидејќи пораснав во мало село во шума. Кога ќе ја завршам кариерата, ќе се занимавам со нешто поврзано со заштитата на животната средина. А сега сум активна во текот на кризи.

Во текот на ноември 2025 година, Носкова работеше како волонтер во училиште во Занзибар, каде што предаваше англиски јазик и географија. Се соочи со сиромаштија и со деца што никогаш не слушнале за тенис. Вети дека следниот пат ќе донесе рекети и топки за да ги направи уште посреќни малите што растат во тешки финансиски услови.

Кога рече дека оди во Африка, тимот на Линда помисли дека е шега.

– Да речеме дека беа среќни што се вратив – објасни малку како на шега, малку како вистина, новата кралица на Вимблдон.

ИЗДВОЕНИ