Кој пие алкохол најмногу во Европа?

0

Најновиот извештај „Health at a Glance 2025“ од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) открива дека Португалија, Шпанија и Романија ја зголемиле годишната потрошувачка на алкохол за два или повеќе литри по глава на жител помеѓу 2013 и 2023 година.

Просечната годишна потрошувачка во земјите на ОЕЦД во 2023 година била 8,5 литри чист алкохол по лице. Шест земји од ЕУ забележале бројки под тоа ниво, при што во Грција се пиело најмалку – 6,6 литри по глава на жител.

На другиот крај од скалата се земјите со најголема потрошувачка: Романија, Португалија и Латвија, сите со повеќе од 11,5 литри по глава на жител годишно, објавува „Еуроњуз“.

Повеќето европски земји бележат пад на потрошувачката на алкохол. Белгија и Литванија забележаа најголем пад, намалувајќи ја потрошувачката по глава на жител во просек за 2,5 литри помеѓу 2013 и 2023 година.

Спротивниот тренд е видлив во Португалија, Шпанија и Романија, каде што потрошувачката се зголемила за два литра или повеќе во истиот период.

Европската Унија останува регион со најголема потрошувачка на алкохол во светот, предупредува Светската здравствена организација (СЗО). Но, тоа е исто така регион каде што ракот е водечка причина за смрт.

Податоците на ОЕЦД покажуваат загрижувачки тренд кај децата: процентот на 11-годишници кои консумираат алкохол се зголемил од четири на пет проценти помеѓу 2018 и 2022 година.

Во просек, пет проценти од 11-годишниците и 15 проценти од 13-годишниците пиеле алкохол во последниот месец.

Највисоки стапки на потрошувачка кај 11-годишниците се забележани во Чешка, Франција, Унгарија, Бугарија и Романија.

Раното започнување и честото консумирање алкохол се поврзани со сериозни последици: влошување на менталното здравје, пад на когнитивните функции и значително поголема веројатност за развој на проблеми со пиењето во зрелоста. Кај учениците од средно училиште, повеќе од 35 проценти од 15-годишниците во Данска, Унгарија и Бугарија пријавиле прекумерно пиење, додека Португалија имала помалку од 10 проценти.

Девојчињата ги достигнуваат момчињата

И покрај целокупниот пад, употребата на алкохол кај адолесцентките е во пораст: процентот на девојчиња кои се опиваат прекумерно се зголемил од 19 проценти во 2018 година на 22 проценти во 2022 година, додека кај момчињата бројката се стабилизирала на 22 проценти.

Меѓутоа, во 25-те земји од ЕУ вклучени во анализата, сепак, прекумерно пиење пријавиле повеќе момчиња отколку девојчиња.

Со цел да се намали малолетничката и прекумерната консумација на алкохол, европските земји воведуваат нови регулативи. Најновиот пример доаѓа од Белгија, која, како дел од Акцискиот план за алкохол 2023-2025, забранува негова продажба во автомати, бензински пумпи на автопати помеѓу 22:00 и 7:00 часот наутро и во болници.

ИЗДВОЕНИ