Градот Кочани утре ќе биде домаќин на големиот спортски настан „Денот на спортот“, кој се организира во рамките на Плазма спортските игри за млади. По Скопје, Куманово и Штип, спортскиот карван пристигнува и во градот што со години важи за еден од најголемите расадници на млади спортски таленти во Македонија.

Настанот ќе се одржи на стадионот „Никола Мантов“, со почеток во 10:30 часот. Во Кочани, младите спортисти ќе имаат можност да се натпреваруваат во повеќе дисциплини, меѓу кои мал фудбал, пинг-понг, тенис, народна топка и атлетика во рамките на „Денот на спортот“, како и баскет 3×3, ракомет, шах, одбојка и одбојка на песок.

Плазма спортските игри за млади се една од најголемите аматерски спортски манифестации во Европа, со традиција подолга од 30 години, а оваа година првпат се одржуваат и во Македонија. Целта е, преку спортот, на децата и на младите да им се понуди можност бесплатно да се вклучат во активности, да се дружат, да развиваат здрави навики и да ги негуваат вистинските спортски вредности.

На отворањето ќе присуствуваат претседателката на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија, Елена Мицковска, и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, како и повеќе познати спортски имиња.

Главната цел на Спортските игри за млади е бесплатен спорт за секое дете, како и поттикнување здрав, активен и динамичен животен стил, промоција на инклузијата, развој на здрави навики, негување на ферплејот, создавање искрени пријателства и градење вистински вредности.

По успешните настани во Скопје, Куманово и во Штип, се очекува и Кочани да понуди вистински спортски спектакл и уште една убава спортска приказна исполнета со детска насмевка, натпреварувачки дух и со ферплеј.

ИЗДВОЕНИ