четврток, јули 9, 2026
Дома СКОПСКА Чаир ќе добие подземни контејнери

Чаир ќе добие подземни контејнери

118

Општина Чаир наскоро ќе добие подземни контејнери за комунален отпад, откако обезбеди финансиска поддршка од Бирото за регионален развој, во рамките на Програмата за урбан развој и одржлив урбан развој за 2026 година.

За реализација на проектот се одобрени 1.372.571 денар и со ова Чаир е единствената урбана општина од Град Скопје што добила средства преку овој јавен повик.

Предвидено е подземните контејнери да бидат поставени на улицата „Методија Митевски“, со цел подобрување на јавната хигиена и унапредување на комуналната инфраструктура според современите еколошки стандарди.

Од Општината посочуваат дека инвестицијата претставува важен чекор кон модернизација на системот за управување со отпад, но и кон создавање почиста, поуредна и пофункционална средина за жителите на Чаир.

Воедно, на територијата на Општина Чаир се поставени 40 нови канти за отпадоци во Чаир, а наскоро ќе се постават и 120 нови клупи.

Претседателот на Советот на Општина Чаир, Мухамед Муртези, истакна дека активностите се реализираат во соработка со јавните претпријатија.

– Целта е јасна: повеќе ред, чистота и функционалност во секоја населба на Општината. Се отстрануваат старите и нефункционални возила со цел ослободување нови паркинг-места. На терен продолжуваат косењето на зелените површини и одржувањето на јавните простори, додека паралелно се реализираат и садењето сезонски цвеќиња и раззеленувањето на јавните површини. Во текот на изминатите денови, поставени се 40 нови канти за отпадоци во повеќе населби во Чаир, а во наредниот период ќе бидат поставени и 120 нови клупи во парковите и на јавните простори. За празникот Курбан бајрам ќе бидат организирани и посебни пунктови за собирање на отпадот од курбанот, на повеќе локации во Општината – потенцира Муртези.

Тој додаде дека во фокусот останува создавањето поуредена и пофункционална средина за граѓаните, како и заедничката грижа за јавните простори на целата територија на Општината.

ИЗДВОЕНИ