Возачот на Мерцедес, Кими Антонели, направи уште еден голем чекор кон титулата во Формула 1 откако триумфираше на трката за Големата награда на Монтреал. За 19-годишниот Италијанец, ова беше четврта победа во низа, по претходните триумфи во Кина, Јапонија и во Мајами.
Второто место му припадна на Луис Хамилтон, кој стартуваше од петтата позиција, додека подиумот го комплетираше актуелниот шампион, Макс Верстапен. Четврти заврши Шарл Леклер, а петти беше Исак Хаџар.
Клучниот момент на трката се случи во 30. круг, кога тимскиот колега на Антонели, Џорџ Расел, излета од патеката, а потоа неговиот болид застана. Британецот бесно го напушти болидот, а тоа му овозможи на Антонели да создаде предност и сигурно да стигне до победата.
Со новите бодови, Антонели останува лидер во генералниот пласман со 131 бод, дури 43 повеќе од Расел.
Но, тензиите меѓу двајцата почнаа уште на спринт-трката ден претходно. Во шестиот круг на патеката „Жил Вилнев“, Антонели и Расел водеа жестока битка за првата позиција. По контактот во првата кривина, Италијанецот излета на тревата и преку тимското радио бесно порача дека неговиот колега го оттурнал од патеката, барајќи реакција од стјуардите.
- Тоа беше навистина грубо – изјави Антонели во текот на трката.
Шефот на Мерцедес, Тото Волф, веднаш се обиде да ја смири ситуацијата со порака преку радио: „Концентрирајте се на возењето, а не на жалењето“.
По трката, Антонели призна дека реагирал емотивно.
- Морам повторно да ја погледнам ситуацијата. Бев многу вознемирен во тој момент. Најважно е да нема контакт меѓу тимските колеги – порача младиот Италијанец.
Од другата страна, Расел смета дека не направил ништо спорно.
- Не бев под истрага, доволно кажува тоа. Во вакви ситуации, возачот што напаѓа однадвор секогаш презема ризик. Ја затворав линијата и тоа е мое право – изјави 28-годишниот Британец.











