понеделник, јули 13, 2026
Дома МАГАЗИН Чувајте ја нашата убава македонска песна! Помпезно заврши фестивалот на нови македонски...

Чувајте ја нашата убава македонска песна! Помпезно заврши фестивалот на нови македонски мелодии „Владимирово 2026“

3100

Новите песни се испеани во живо, од златните грла на популарните македонски пејачи: Смиља Митревска, Круме Спасовски, Драган Мијалковски, Ванчо ТарабуновБлагоја ГрујовскиЕлена АндоновскаПеро Христов, Благица Калева, Виданка Георгиевска, Жаклина Узунова, Нино Величковски, Ленче и Горан Кукиќ. Победата заслужено ја однесе распеаната Ленче Кукиќ за хитовската „Ракија се пече“, а наградата ѝ беше доделена за најслушана композиција меѓу две фестивалски изданија

 Второто издание на „Фолк-фест Владимирово 2026“  се претвори во вистинска македонска музичка магија. Ова го кажуваме без претерување, искрено, откако ги слушнавме сите нови песни испеани од златните грла на популарните македонски пејачи: Смиља Митревска, Круме Спасовски, Драган Мијалковски, Ванчо Тарабунов, Благоја Грујовски, Елена Андоновска, Перо Христов, Благица Калева, Виданка Георгиевска, Жаклина Узунова, Нино Величковски, Ленче и Горан Кукиќ, како и врвните маестра што свиреа во живо на своите инструменти, во составот на фестивалскиот оркестар. Победата заслужено ја однесе распеаната Ленче Дедејче-Кукиќ за хитовската „Ракија се пече“. Триумфалната награда ѝ беше доделена за најслушана композиција меѓу две фестивалски изданија.Прв на украсената сцена со прекрасно пролетно цвеќе  настапи музичката легенда, Драган Мијалковски. Тој ја испеа носталгичната композиција „Крушата на татко ми“. Потоа следуваа настапите на Жаклина Узунова со „Зар љубовта е таква“ и на Нино Величковски со песната „Дојде зор заман“. Посебни емоции кај акредитираните новинари и кај многубројната публика предизвика настапот на ветеранката Виданка Георгиевска, која со моќната интерпретација на „Абре, дедо, стар бел дедо“, облечена во народна носија, уште еднаш потврди зошто важи за големо име на македонската музичка сцена. На распеаната фестивалска сцена, со оркестар во живо, своја одлична интерпретација имаа и сите други. Сепак, треба да ја издвоиме песната „Седум години минаа“, која многу емотивно ја испеа секогаш одличната Елена Андоновска. Ем убава, згодна, ем ја бидува за пеење. И точка. Но, да не се лутат другите, сите тие имаа убави песни, мајсторска интерпретација, а ова особено важи за Нино Величковски, Жаклина Узунова и за музичко-брачната двојка Ленче и Горан Кукиќ, пеејќи ја идната мегахитовска „Чувајте ни ја нашата песна“. Оваа песна има многу јасна порака, упатена кон нашите поколенија: „Деца наши, аманет ви оставаме“.И харизматичната водителка Ели Танасковска ја красеше фестивалската вечер. Не само со својот начин на водење со кој покажа, по кој знае кој пат, дека е речиси без конкуренција – таа приреди фантазија за очите со имиџ како на легендарната холивудска икона, Мерилин Монро. Тоа не беше само изненадување туку и никој од присутните не го симна погледот од неа. Дотолку водителката им остави силен впечаток на сите, во секоја смисла.И кога ќе се соберат сите впечатоци, „Фолк-фест Владимирово 2026“ прерасна во еден од најзначајните фестивали на новосоздадена македонска народна музика. Слободно можеме да кажеме дека веќе му е остра конкуренција на постариот „брат“, „Фолк-фест Валандово“. Таков заклучок се добива според реакциите на новинарите, музичарите, учесниците и што е најважно, според долгото ракоплескање од страна на публиката, по секоја нова испеана песна.И не би било ништо од сето ова да не е во совршена организација на маестро Горан Алачки и истоимениот културен-центар. Тој вистински се потруди не само околу песните туку и околу гостопримството, кое е мошне важно нешто откако ќе се исклучат рефлекторите. Наместо на спиење, сите на ноќна забава. А тоа е, како што јасно нагласи Алачки, составен дел од фестивалските случувања. Култниот ресторан „Бастион“ кај газда Узевски, симбол на беровската гастрономија и на љубезноста, ширум ги отвори своите златни порти за сите учесници, гости и за новинарските екипи што беа дел од оваа успешна фестивалска приказна.Истите зборови ги упатуваме и на адреса на прекрасниот хотел „Манастир“ и сопственикот Слободан Муцунски. И едниот и другиот, ресторанот и хотелот, се синоним за градот Берово. Срдечните домаќини ја покажаа сета своја топлина за сите учесници на годинашното издание на „Владимирово 2026“, меѓу нив и Редакцијата на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press, кои беа едни од поважните медиумски помагатели.

Дуле МИЌИЌ 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ