Ќе се произведува бела техника во скопската индустриска зона  

35

Новата милионска инвестиција со над 200 вработувања што ја најави премиерот Христијан Мицкоски ќе се реализира во индустриската зона во Скопје. Треба да почне за 10 до 12 дена, а се работи за производство на бела техника што целосно ќе биде наменета за извоз.

Како што рече денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во рамките на посетата на Општина Штип, се работи на уште две инвестиции во зоната во Штип, како и на проширување на една од постојните, што севкупно ќе значи вложување од неколку стотици милиони евра и преку 1 000 вработувања.

– Мислам дека многу скоро ќе има многу убави вести за жителите на Штип и околината. Инвестициите во Штип не би ги кажувал, две од трите не се дел од автомобилската индустрија, а третата, која ќе ги прошири капацитетите, е од автомобилската индустрија – истакна Мицкоски.

Премиерот очекува кон крајот на јуни или на почетокот од јули да бидат ставени темелите на инвестицијата во енергетиката, од половина милијарда долари, која беше најавена лани.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека, покрај владината директна финансиска поддршка за проекти, дополнително Министерството за транспорт инвестира во нови проекти за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во општините.

– Ќе продолжиме со сериозна поддршка на градоначалниците и на општините, надвор од оваа регуларна поддршка, која станува регуларна секоја година од буџетот, веќе втора година. За Општина Штип, инвестираме дополнително некаде околу 70 милиони денари за водоводни и за канализациски системи. Во финална фаза е изработка на ДУП за бањата „Кежовица“, која треба да отвори многу перспективи за развој на туризмот, пред сè за бањскиот туризам и, исто така, една убава викенд-населба што ќе значи план за целиот источен дел од државата – рече Николоски.

За проектот „Брана на реката Отиња“, која треба да биде нова туристичка атракција, се обезбедени дополнителни 145 милиони денари.

– Се реализира во моментов и очекувам да заврши во текот на следната година, да почне да се полни со вода и летото 2027 година да направиме сефте на езерото и во делот на туризмот и во делот на наводнувањето. Ќе продолжиме со поддршката, Штип е еден од најголемите приоритети, секако и другите општини, како и Општина Карбинци, која гравитира кон Штип – истакна Николоски.

Мицкоски и Николоски денеска извршија увид и во изградбата на градската магистрална улица од населбата Железничка до м.в. Рибник, прва фаза. Вредноста на проектот е 141 милион денари со ДДВ. Средствата од 120 милиони денари се обезбедени од Владата, преку првиот повик до општините за обезбедување средства за инфраструктурни проекти, а другите 21 милион денари се од Општина Штип. На проектот се работи втор месец и се очекува да биде завршен до септември.

Тие беа и во обиколка на булеварот „Партизанска“, кој е во градба, за што се обезбедени средства од буџетот на Општина Штип, во износ од 130 милиони денари. Во Општина Карбинци беше извршен увид во градежните активности за асфалтирање на сервисната улица „5“ во селото Таринци, од унгарскиот кредит во висина од 9,2 милиони денари, а остатокот е кофинансирање од Општината.

 

ИЗДВОЕНИ