Кристијан Хорнер, една од највлијателните личности во модерната Формула 1, добил отпремнина поголема од 67 милиони фунти, односно речиси 80 милиони евра, по заминувањето од Ред Бул. Според финансиските извештаи на компанијата „Red Bull Technology Limited“ за 2025 година, на кои се повикува „Атлетик“, станува збор за огромна исплата по раскинувањето на неговиот договор.

Хорнер беше отстранет од раководната позиција во јули 2025 година, по речиси две децении на чело на тимот. Неговото заминување дојде по период обележан со контроверзии, обвинувања за несоодветно однесување и внатрешни конфликти, кои придонесоа за турбуленции во екипата и заминување на неколку клучни личности.

Британецот беше еден од основачите на успешната ера на Ред Бул во Формула 1. Под негово водство, тимот освои осум титули во конкуренција на возачи со Себастијан Фетел и Макс Верстапен, како и шест шампионски круни кај конструкторите. Неговиот договор бил раскинат иако му преостанувале уште четири години.

Во јули минатата година, само неколку дена пред Големата награда на Велика Британија, Ред Бул официјално објави дека Хорнер ги напушта оперативните должности, а неговото место го презеде Лоран Мекис. Во почетната фаза од разделбата, на Хорнер му биле исплатени околу девет милиони фунти, односно 10,62 милиони евра, како компензација за губењето на функцијата.

Сепак, најголемиот дел од финансискиот пакет произлегува од договорот за прекин на соработката. Хорнер, покрај функцијата шеф на Формула 1 тимот, имаше одговорности и во компанијата за погонски единици, како и во „Red Bull Applied Technologies“.

Иако заминувањето од Ред Бул означи крај на една важна ера, Хорнер не ја затворил вратата за Формула 1. Британецот сака да се врати во спортот, а неговото следно професионално поглавје останува тема на интерес во падокот, особено по објавувањето на финансиските детали од разделбата со поранешниот тим.

ИЗДВОЕНИ